„ДОБРИТЕ БУГАРИ“ СЕ ЦАРЕВИ
Пред неколку дена познатиот македонски интелектуалец и граѓански активист Жарко Трајаноски се обиде да внесе малку разумност и да ја смири топката по (не)братското вето на соседна Бугарија, пишувајќи дека тоа вето не е бугарско вето и наведувајќи ги како доказ за своето тврдење плеадата бугарски либерални научници Ивајло Дичев, Александар Ќосев, Чавдар Маринов, Димитар Бечев и Стефан Дечев, кои херојски застанаа во одбрана на македонската европеизација и влегоа во отворен конфликт со црната тројка ванчомихајловисти: Каракачанов, Ковачев, Захариева. Од тоа следува дека македонскиот народ не треба да го мрази бугарскиот… Колку убав обид од страна на г-нот Трајаноски, да внесе малку модерна разумност во сето ова лудило околу бугарското вето… Ако не друго барем ќе остане запишано дека Жарко се борел против „ванчомихајловизмот“ и во 2012 г. кога на сајтот на порталот Окно го постави реторичкото прашање: „Дали и Ванчо Михајлов бил жртва на комунистичкиот режим?“ а се бори секако и денеска кога сака да постави дистинкција меѓу „добрите Бугари“ и лошите „живковисти“, кои сакаат да бидат „ванчомихајловисти“.
Во Македонија исто така има „добри Бугари“, кои гордо застанаа во одбрана на македонската европска иднина. Тие со огромен локално-патриотски пламен тргнаа да се борат со лошата црна „живковистичко-ванчомихајловистичка тројка“ од Софија, која работи против вредностите на ЕУ и зборува против Тито.
Овој текст е возхвала за „добрите Бугари“.
Тие се прошетани, тие знаат јазици, тие знаат сложени лексиконски термини, тие се разбират од добро вино, тие слушаат сериозна музика, тие немаат досиеја во ниту една комунистичка служба, тие не се пасошка мафија, тие не се плашат да ја напуштат својата зона на комфор, тие едвај си ги плаќаат кириите и сметките за струја, тие се загрижени Македонија да не падне во руски раце, тие се модерни, тие не носат бради, тие не ја тупат со приказни за Постољ војвода и неговата реплика во Мера според мера „Некој од вас ја издадел мојата чета, мислејте кој е…“, ајде да не ја тупам и јас со фори од филм направен во живковистичка Бугарија… Тие се се’ нај нај!!!
„Добрите Бугари“ се цареви!
Истите тие Бугари треба да ги убедат потомците на бежанците од Македонија во Бугарија, дека во моментот не е време Република Македонија да биде блокирана. Јас им посакувам успех. Гледајќи ги резултатите од анкетата на бугарската агенција Алфа Рисрч објавени од новинската агенција БГНЕС (чиј сопственик е исто така се покажа како „лош Бугарин“), изгледа ќе имаат полни раце со работа, бидејќи дури 83,8 проценти од испитаниците сметаат дека Бугарија треба да ѝ стави вето на Македонија за почеток на преговорите се’ додека кај нас не се признае историското минато… Си велам дека во тие речиси 84 % „противници“ на европската иднина на нашата земја, голем дел се токму потомци на бежанците од трите дела на Македонија. Ама можеби грешам! Ќе дојде друга гарнитура во Бугарија, па работите ќе тргнат на поарно… Можеби пак грешам!
За едно нешто сум сигурен…
Во Република Македонија има едни „лоши Бугари“, кои се поцрни од ѓаволот. Најчесто тие се деца од село, што врска немаат што е тоа модерно мислење, заглавени се некаде таму во темните времиња кога ВМРО била држава во државата и упорно бараат во Македонија покрај стотиците гласови на синовите и ќерките на партизаните, да се слушне и гласот на внуците на комитите. Тие се лоши и не планирам да им давам повеќе простор во овој напис. Нивен водач е оној новоселецот Петар Колев, тој е најпис и најлош, затоа заслужува партизанската ќерка Солза Грчева секоја ноќ да му влегува во сон со викотници „заќути, заќути“! Мајку му… „татаро-бугарско-фашистичко и антиевропско“!
Автор: Атанас Величков

