| |

Бугарскиот фудбал се простува со Димитар Пенев – реакции од ЦСКА, бугарските фудбалски легенди и „црвената“ заедница

Бугарскиот фудбал доживеа тешка загуба со заминувањето на Димитър Пенев, кој почина на 80-годишна возраст во сабота, 3 јануари 2026 година. Стратегот од Мировјане остави неизбришлива трага и во ЦСКА, и во репрезентацијата на Бугарија, а реакциите по тажната вест се едногласни – почит, благодарност и длабока тага.

Од ЦСКА објавија официјално соопштение во кое се поклонија пред ликот и делото на човекот кого го нарекоа „таткото на ЦСКА“. „Така ќе го паметиме – со вечната насмевка, со топлиот поглед и добриот збор. Светол пат, великану! Никогаш нема да те заборавиме“, напишаа од клубот, изразувајќи искрено сочувство до семејството, блиските и целата фудбалска јавност. Од „Армијата“ најавија дека дополнително ќе информираат за датумот, часот и местото на поклонението.

Со трогателни зборови се огласи и легендата на европскиот фудбал Христо Стоичков, кој со Пенев соработуваше и во ЦСКА и во националниот тим. „Великан! Најголемиот! Патријархот на нашиот фудбал! Човекот кој нè направи четврти во светот! Почивај во мир, Старши!“, напиша Стоичков, потсетувајќи на незаборавното четврто место на Бугарија на Светското првенство во фудбал 1994.

Поранешниот капитен на репрезентацијата Стилиjaн Петров исто така изрази длабока благодарност кон Пенев, истакнувајќи ја неговата улога како „цврста потпора зад неверојатното патување на многумина од нас“, нагласувајќи ја харизмата, вербата и способноста да создава лидери и личности кои ја прославија Бугарија дома и во светот.

Емотивно се простија и организираните навивачи на ЦСКА. Во својата порака тие напишаа дека „најцрвениот армиски пламен згасна засекогаш“, нарекувајќи го Пенев „најчистото армиско срце“ и човек за кого никогаш не била кажана лоша дума. „Легенда на теренот, легенда на клупата, легенда во животот“, стои во нивното обраќање.

Раководството на Левски изрази сочувство до семејството и најблиските на Димитар Пенев, до ЦСКА и до целата фудбалска заедница по веста во саботата дека легендата нè напушти.

„Денес, на 80-годишна возраст, нè напушти легендата на бугарскиот фудбал Димитар Пенев.

ФК „Левски“ ги изразува своите искрени сочувства до неговото семејство и најблиски, како и до ФК „ЦСКА“ и целата фудбалска заедница.“

Димитар Пенев замина, но неговото наследство останува – во трофеите, во незаборавните натпревари и, пред сè, во генерациите фудбалери што ги изгради. Бугарскиот фудбал се простува со една од своите најголеми личности.



Слични Објави