Трамп: Воjната во Газа е завршена, Британија најави водечка улога во обновата на регионот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Газа „е завршена“, додека патуваше кон Израел и Египет за да го одбележи постигнатиот договор за примирје и ослободувањето на заложниците, јавува АФП, пренесува БГНЕС.
„Војната е завршена. Јасно ли е? Го разбирате тоа?“ – им рече Трамп на новинарите кога беше запрашан дали верува дека конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас конечно завршил.
Британскиот премиер Киер Стармер истакна дека неговата влада е подготвена да одигра „водечка улога“ во процесот на обновата на Газа, за време на мировниот самит во египетскиот туристички центар Шарм ел-Шеик, кој го ко-претседаваат Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
Според соопштението од „Даунинг стрит“, Стармер ќе објави пакет од 20 милиони фунти (околу 26,7 милиони долари) како хуманитарна помош, насочена кон обнова на уништените водоснабдителни, санитарни и хигиенски системи во Појасот Газа, погодени од двегодишниот конфликт.
Британската влада исто така најави дека ќе биде домаќин на тридневна меѓународна конференција посветена на обновата и иднината на Газа, каде ќе се дискутира за планови за поствоено управување и трансформација на Палестинската самоуправа.
На конференцијата се очекува да учествуваат претставници од Германија, Италија, Саудиска Арабија, Јордан и Палестинската автономија, како и претставници на приватниот сектор и меѓународни финансиски институции. Датумот на одржување допрва ќе биде објавен.
