| |

СЛОБОДАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ МЕЃУ ЖЕНЕВА И СТРАЗБУР! (1)

Епизода: Патувањата и спомените! 

Владимир Перев 

1.
На почетокот на овој октомври 2025 година, двајца млади луѓе – Георги Црномаров и Христијан Пендиков, заедно со мене-веќе во поодминати години-Владимир Перев, патуваме кон Стразбур, во потрага по правата на македонските бугари. Всушност се работи за покана од институциите на Советот на Европа, да говориме пред известувачот за РСМ Joe O’Reilly, како и пред извршниот секретар на ECRI Johan Friestedt. Потоа следеше средба и пред комитетот за човекови права, со еврокомесарот Dr. Michael O’Flaherty, да ја објасниме позицијата на Република Северна Македонија кон правата на македонските бугари, нивните напори да влезат во уставот на РСМ и јасниот отпор на владеачката гарнитура предводена од ВМРО ДПМНЕ во однос на  почитување на човековите права. 

Јас веќе имав остварено претходно една средба со О’Рајли во Скопје,  под релативно неповолни околности, но останав со впечатокот дека начелно, добро сме се разбрале. Ова е втора покана за мене. 

2. 
Долго трае патувањето со авион до Франфурт/Стразбур. Не се радувам на овие средби. Напротив. Додека патувам, спомените навираат…

Владимир Перев со Теодор Димитров на улица во Женева

До почетокот на деведесетите години, речи си ништо не знаев за човековите права. Ништо не сум читал, а и на факултетот тоа беше непозната материја. Некаде во мај 1996 година, заедно со Георги Лебамов од МПО Форт Веј, САД, отидовме во Женева, да ме запознае со неговиот пријател Теодор Димитров (Софија 1932-2002 Женева).  Никогаш дотогаш не го бев чул тоа име. Пред себе сретнав еден низичок човек со жесток, втренчен поглед, со неверојатно брзи движења и уште побрза мисла. Видов ерудит и полиглот, човек со неверојатно образование и култура. Бил нешто како “вечниот“ шеф на Архивите на Друштвото на народите во Женева. Нѐ прими срдечно, нѐ прошета низ просториите на Друштвото и до детали ни раскажа за односите на таа институција со Бугарија, со правата на македонските бугари и со правните акти на тие процеси. Тогаш ми ја даде неговата книга за “Жалбите на Македонија“, капитално дело за односите на победничката Европа по Првата светска војна, кон правата на македонските бугари. Подавајќи ми ја, ми рече дека таа книга, тоа се “солзите на Македонија“…никогаш не го заборавив тој момент.

На другиот ден бевме примени во неговиот дом, мислам беше на улица “Rue de Magnolias” во близина на Друштвото на народите. Скромна куќа, преполна со скапоцени книги и документи, прекрасни украси и детали, голема градина полна со артефакти. За мене, нов свет! 

3. 
Додека ја прелистував “Жалбите на Македонија“ и ја разгледував Петицијата на групата Шалев, Григоров и Илиев, ми пријде Теодор да ми објасни дека тоа е единствената петиција која е “прифатена“ за разгледување од “Комитетот на тројцата“ во Друштвото на народите и дека тоа е голем успех за македонските бугари. Разгледувана е затоа што е напишана на дипломатски начин, со почит кон оние кон кои се обраќаат петиционерите, но и со почит кон земјата од која се жалат-конкретно кон Кралството Југославија. Ме предупреди дека, ако еден ден се најдам во ситуација на “петиционер“ да внимавам на мојот однос, како услов да бидам прифатен и моите барања да бидат разгледувани. 

Владимир Перев со адвокатката мадам Минуш во дворот на куќата на Теодор Димитров

На некој начин, како да ми ја предрече судбината! 

Говоревме и за судбината на петиционерите. Знаеше детали за животот на Димитар Шалев и Григор Анастасов, но не знаеше многу за судбината на третиот петиционер Димитар Илиев или Димитрије Илиќ, судија од Велес. Тој преминал во 1933 година на српската страна, заминал за Белград и таму дал изјави, имиња и врски на михајловистичката ВМРО во Македонија и Бугарија. На почетокот биле кажани на српската Државна безбедност, потоа објавени во весникот “Политика“ во Белград, за конечно и да напише книга со своите показанија. Нему му се губи трагата, а штетите по делото на македонските бугари, биле огромни. 

4. 
Некаде до 1960 година во Прилеп имаше само неколкумина адвокати, меѓу кои беше и татко ми, Харалампи Перев. Односите меѓу адвокатите беа учтиви и толерантни, без некоја посебна блискост. Сите беа од стари градски семејства, беа во сериозни години и познати во чаршијата. Имаше еден адвокат Димитрија Илиоски, наречен “Крцко од Варош“, што беше неговиот семеен прекар. Беше од прилепската приградска населба Варош, местото каде е роден и Ѓорче Петров. Татко ми не го поднесуваше и ги избегаваше средбите со него. Нетрпеливоста беше обострана! Мислев дека тоа е нетрпеливост во рамките на конкурентноста во професијата, ама не било така. Крцко почина некаде околу 1958/9 година од мозочен удар и со тоа навидум приказната се заврши. 

Околу 2020 година, по веќе привршениот (никогаш до крај завршен) процес на Лустрација во РСМ, ме повика еден мој соученик, одамна пензиониран функционер во бившата ДБК да ми покаже некои материјали. Се изненадив кога разбрав дека фамозниот Димитрије Илиќ е всушност прилепскиот адвокат Димитрија Илиоски Крцко, колегата со кого татко ми не сакаше да комуницира. Видов изјави на Крцко против некои вмровци од Македонија и Бугарија, земени и донесени од српската Државна безбедност. Потоа наидов и на “службени белешки“ за татко ми, каде некој доносител кажувал дека “адвокатот Харалампи Перев никогаш нема да му го прости предавството на Крцко и го смета за виновен за смртта на многумина, меѓу другите и на неговите блиски (на Перев) пријатели, браќата Јордан и Димитар Чкатрови.“ За време на Втората светска војна “кога сме биле окупирани од бугарите, адвокатот Перев не сакал да се одмаздува на Крцко…велел дека тој (Х. Перев) е адвокат, офицер и воин, а не убиец“…така велел информаторот или агентот, нештата беа нејасно напишани. 

5. 
Бевме длабоко навлезени во ноќта, кога стигнавме во Стразбур. Двајцата млади сопатници се огледуваа дали во хотелот има место каде може да се напиеме барем по едно пиво и со недоверие и прашално ме гледаа кога кажав дека “не ми се пие“…не научиле да давам такви изјави, ама со нив никогаш не сум патувал по некоја работа. Отидов во собата и си легнав, измачен и стегнат со костумот, вратоврската и чевлите, ненавикнат на таква гардероба. Сонував за моите маици, виндјакни и патики! Тоа беше втората жртва која ја направив. Првата беше омразеното патување со авион! 

Имав немирна ноќ, за следното утро тројцата да тргнеме кон големата зграда на Советот на Европа. Тие разговараа за тоа што и како ќе кажеме…

Мене ме измачуваа спомените и ликовите на мртвите кои одамна сум ги заборавил…

Следно: Разговорите 



Слични Објави