Трамп ја предупреди Русија: Можно е да ѝ испратиме „Томахоук“ ракети на Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Русија дека САД би можеле да ѝ испратат на Украина ракети со долг дострел од типот „Томахоук“, доколку Москва не се согласи наскоро да го реши конфликтот, јавува БНР.
„Можам да кажам: ‘Видете, ако оваа војна не се реши, ќе им испратам ‘Томахоук’“, изјави Трамп пред новинарите на авионот „Ер форс уан“, на пат кон Израел. Тој додаде дека „Томахоук“ е „неверојатно оружје, многу офанзивно оружје“.
Изјавата доаѓа еден ден по неговиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кој Трамп ја споменал можноста за испраќање на овие ракети.
„Дали Русија сака да испратиме ‘Томахоук’ таму? Не мислам така“, рече американскиот претседател.
Претседателот Владимир Путин претходно изјави дека ваков потег од Вашингтон би ѝ нанел сериозна штета на руско-американските односи.
