|

Нелегални работници во Тетово – приведени 39 лица од Албанија

На 15 октомври 2025 година, во периодот од 12:00 до 18:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија – Тетово, спровеле акциска контрола во селото Стенче, општина Брвеница.

Контролата била извршена на градилиште каде што правно лице, сопственост на Е.З.М. од Тетово, изведувало градежни активности. При интервенцијата, полициските службеници затекнале 39 државјани на Албанија, на возраст од 20 до 65 години, кои извршувале работни задачи без да бидат пријавени како работници.

Според утврденото, странските државјани го злоупотребиле туристичкиот престој и престојувале спротивно на целта на нивното влегување во државата.

Лицата се приведени и задржани во полициската станица, а по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави против нив и сопственичката на правното лице.

Од МВР информираат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на нелегална работа и злоупотреба на престојот на странски државјани во земјата.

Слични Објави