|

Израел: Имаме видео од шефот на Хамас, бега низ тунелот со сопругата, децата и братот

Војската на Израел објави видео на кое наводно се гледа лидерот на Хамас, Јахја Синвар во тунел под градот Кан Јунис во јужна Газа. На видеото, според написите, се и неговата сопруга, децата и братот. Израел јавно го обвини Синвар дека е главниот организатор на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.

Објавувајќи ја снимката на својата редовна прес-конференција, портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари рече дека видеото е снимено од надзорна камера на Хамас на 10 октомври и дека ИДФ го добила неодамна.

„Така избега под земја со семејството во еден од безбедните сместувачки комплекси што ги изгради претходно“, истакна Хагари. Тој додаде дека снимката е „резултат на ловот“ на Синвар и дека „ловот нема да престане додека не биде фатен, мртов или жив“.

Израелската војска го прогласи Синвар за „мртовец кој оди“, а го нарекува „Касапот на Кан Јунис“, поради неговата наводна улога во планирањето на нападот на 7 октомври. Во декември, израелските сили ја опколија неговата куќа, но не го најдоа.

Уште тогаш се зборуваше дека најверојатно се криел под земја. Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави потоа дека „прашање на време е кога ќе биде фатен“. Сепак, Синвар сè уште е во бегство, и покрај интензивниот израелски напад врз Кан Јунис, неговиот роден град.

Израелците објавија и друга снимка за која велат дека се прикажани нивните сили во делот на тунелите на Хамас каде што се верува дека се криел Синвар.

На видеото, војник чие лице е заматено вели дека се наоѓаат во „главното скривалиште“ на Синвар и тврди дека лидерот на Хамас бил таму „неодамна“.

На снимката се гледаат и бањата, кујната и спалните соби, а војникот вели дека пронашле „милиони шекели и долари во сефот“. „Тие побегнаа кога слушнаа дека ИДФ им се приближува. Знаеа дека доаѓаме, па побегнаа“, додава војникот.

Инаку, Синвар беше одговорен за здружување на военото крило на Хамас пред да воспостави важни нови врски со регионалните арапски сили како цивилен и политички лидер на групата. Тој беше избран во главното тело за одлучување на Хамас, Политбирото, во 2017 година за политички лидер на огранокот на Хамас во Газа, пишува Си-Ен-Ен.

Од 2015 година е прогласен за глобален терорист од американскиот Стејт департмент, а неодамна е санкциониран од Велика Британија и Франција.



Слични Објави