Здружението „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Република Северна Македонија и пријатели“ изпрати писмо до лорд Џорџ Робертсон
Здружението „ПОТОМЦИ НА БЕГАЛЦИ И ПРЕСЕЛЕНИЦИ ОД ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ПРИЈАТЕЛИ“ упати писмо до поранешниот прв човек на НАТО лорд Џорџ Робертсон. Во писмото здружението потсетува дека за Република Северна Македонија нема вето од бугарска страна, туку земјата треба да ги вклучи Бугарите во својот устав и да ги спроведува доследно договорите со Грција и Бугарија. Токму тоа е наведено во преговарачката рамка за Република Северна Македонија.
Потсетуваме дека во медиумите во РС Македонија се појавија информации за стратегија на лорд Џорџ Робертсон, во која британската дипломатија да посредува меѓу Скопје и Софија.
Во продолжение го пренесуваме писмото до лорд Робертсон во целост и без уредничка интервенција:
Почитуван лорд Робертсон,
Од написи во медиумите во Северна Македонија дознаваме дека предложивте Обединетото Кралство да посредува во спорот меѓу Скопје и Софија, со цел Северна Македонија да не биде оддалечена од европскиот пат и насочена кон српско-руската орбита. Вашите зборови се цитирани на следниов начин:
„Велика Британија треба да понуди посредување во спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, за да се спречи натамошното назадување на Скопје и тенденцијата тоа да се движи кон руско-српската орбита. Тоа може да се направи преку посредување. Излезот од ќорсокакот меѓу двете страни треба да се бара врз основа на содржината на нивниот постоечки Договор од 2017 година.“
Ние ја поздравуваме секоја иницијатива што може да ѝ помогне на Северна Македонија да спроведе вистински реформи и да се доближи до европските вредности. Го разбираме стремежот на Обединетото Кралство да остане активен учесник во европската политика за безбедност и стабилност, и покрај неговото излегување од Европската Унија. Токму затоа Вашата иницијатива заслужува внимание, бидејќи покажува дека Лондон и понатаму се интересира за процесите на Западен Балкан и за нивната европска иднина.
Како што внимателно го следиме процесот на евроинтеграција на Скопје, би сакале да укажеме на неколку важни факти:
1. Во 2022 година Бугарија го повлече ветото за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Потоа Европската Унија едногласно ја усвои преговарачката рамка, која предвидува уставни измени – вклучување на Бугарите меѓу официјално признаените заедници – како и спроведување на договорите за пријателство со Грција и Бугарија. Од тој момент Северна Македонија повеќе нема билатерален спор со Бугарија, туку обврски преземени пред целата Европска Унија.
2. Човековите права се универзални и нивната заштита не може да се смета за билатерално прашање. Бугарската држава, како најблиска до бугарската заедница во Северна Македонија, го поддржа нејзиното барање за впишување во Уставот, исто како и другите признати заедници. Таквиот чин би обезбедил рамноправност и заштита на овие граѓани.
Во архивите на Британското Министерство за надворешни работи постојат обемни сведоштва за постоењето на Бугарите во Македонија. Нивната асимилација започнала по 1913 година, кога Србија ја зазела денешната територија на Северна Македонија. Главниот притисок бил насочен кон србизација, но паралелно бил применуван и резервен план – одвојување на Бугарите преку создавање на преоден македонски идентитет. По 1944 година овој резервен план станал официјална државна доктрина.
Денес ниту Бугарија ниту Европската Унија не го негираат правото на постоење на современиот северномакедонски идентитет и на јазикот што се нарекува македонски. Истовремено, Бугарија, а потоа и Европската Унија, ги поддржуваат граѓаните на Северна Македонија кои, и покрај притисоците и репресиите, продолжуваат да ја зачувуваат својата бугарска припадност и да го нарекуваат мајчиниот јазик бугарски.
3. Во однос на загриженоста дека Северна Македонија може да се насочи кон српско-руската орбита, сакаме да нагласиме дека таа, всушност, никогаш не ја напуштила. Нејзината сегашна државна идеологија е обликувана во Белград и Москва. Поради тоа, обидите на властите во Скопје да се приклучат кон ЕУ без длабоки внатрешни реформи не значат вистинска интеграција, туку внесување на српско-руски „Тројански коњ“ во Европската Унија – слично на веќе забележани проблеми во рамките на НАТО. Убедени сме дека можете да побарате информации за случаите на истекување класифицирани податоци кон Србија, што довело до одбивање безбедносни сертификати за голем број службени лица.
Врз основа на сето ова го извлекуваме главниот заклучок дека Северна Македонија не може „уште повеќе“ да се заврти кон Белград, затоа што таа, всушност, никогаш не ја напуштила неговата орбита.
Затоа сметаме дека главната задача пред меѓународната заедница е да ѝ помогне на Северна Македонија да се ослободи од зависноста од Србија и Русија и да тргне по вистински европски пат. Земјата очигледно не може сама да го постигне тоа и ѝ е потребна надворешна поддршка за да ги спроведе неопходните реформи и да ги прекине порочните практики наследени од тоталитарното минато.
Со почит,
Сопретседатели: проф. Трендафил Митев, доц. Спас Ташев, Илија Стојановски
Секретар: Димитар М. Димитров
Софија, 23 октомври 2025 г.
