Најголемата православна катедрала во светот ќе биде осветена во Букурешт по 15 години градба
По петнаесет години работа и инвестиција од над 200 милиони евра јавни средства, денес ќе биде осветена најголемата православна катедрала во светот – Катедралата на народниот спас. Церемонијата ќе ја предводат романскиот патријарх Данаил и вселенскиот патријарх Вартоломеј, јавува БГНЕС.
Храмот, висок 127 метри, со осум кули и златни куполи во неовизантиски стил, ја надминува дури и катедралата „Свети Петар и Павле“ во Санкт Петербург. Неговиот иконостас, со височина од 24 и ширина од 18 метри, украсен со 45 икони насликани од Даниел Кодреску, се смета за еден од највеличествените во православната уметност.
Во подножјето на олтарот се чуваат моштите на мачениците Брнковјану и Никулицел, како и список со 350.000 румунски херои, што го нагласува историското и национално значење на катедралата.
Пред катедралата се наоѓа двор со површина од 11.600 квадратни метри, кој може да прими 23.200 верници за литургии на отворено. Под него се протега подземен комплекс со капацитет од 6.900 лица, предвиден за културни, образовни и социјални активности, како и за привремени изложби.
На свеченоста се поканети околу 2.500 гости, додека повеќе од 8.000 верници од различни епархии ќе ја следат церемонијата преку големи екрани од предниот двор. Катедралата ќе биде отворена за пошироката јавност вечерва по 20:00 часот.
Вкупната цена на изградбата достигнува околу 270 милиони евра, од кои само 10% се покриени од сопствени средства на Романската патријаршија.
