|

ВЛЕН: Албанците избраа достоинство, не навреди – завршува ерата на ДУИ

Во соопштение до јавноста, коалицијата ВЛЕН порача дека Албанците во Македонија избрале достоинство наместо навредите и ароганцијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од оваа политичка сила велат дека во секој дел од земјата се чувствува еуфоријата на граѓаните поради, како што наведуваат, неминовниот крај на повеќегодишното „лошо владеење, измами и ароганција“ на Демократската унија за интеграција.

„По повеќе од 20 години на неправда и измами, Албанците се разбудени и бараат вистинска промена. ВЛЕН е најдобриот пример за модерна албанска политика – без притисоци, уцени и закани. Ние комуницираме со граѓаните, ги слушаме нивните проблеми и работиме за секое семејство. Ние сме со народот, а не затворени во канцеларии и бункери на власта“, стои во соопштението.

Од ВЛЕН обвинуваат дека ДУИ „се наоѓа на дното на бунарот“ и дека секојдневно на површина излегуваат, како што велат, „срамните договори“ на оваа партија со Левица, со кои се издаваат албанските интереси заради лична моќ.

„Ова стана јасно на 19 октомври, кога граѓаните им ја дадоа првата пресуда. Но конечниот удар ќе дојде на 2 ноември, во Тетово, Дебар, Долнени, Бервеница и насекаде каде што Албанците решија да го затворат поглавјето на ДУИ“, се наведува во реакцијата.

ВЛЕН додава дека, за разлика од нивните политички опоненти, тие „не ги навредуваат Албанците, не ги нарекуваат пиони и газиместанци“, туку им оддаваат чест преку достоинствено претставување и секојдневна работа во интерес на граѓаните.

„Ние веруваме во достоинство, единство и политика што му служи на граѓанинот, а не на личниот џеб. ВЛЕН е новиот здив, силата на промената и печатот дека Албанците ќе имаат чист, силен и чесен глас на секое ниво на власта“, стои во завршниот дел од соопштението.

Од коалицијата повикуваат сите граѓани на 2 ноември „заедно да го затворат старото поглавје и да ја започнат новата ера на Албанците со ВЛЕН“.



Слични Објави