Министерот за внатрешни работи на Турција: Срушени се три згради и една продавница, нема жртви
Во западниот турски округ Баликесир, во градот Синџирги, силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер предизвика уривање на три двокатни згради и една продавница, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја. Сите објекти биле ненаселени и нема информации за жртви, јави турската државна телевизија „ТРТ Хабер“, пренесува БТА.
Екипи на Управата за катастрофи и вонредни состојби (АФАД) се на терен, а по главниот потрес биле регистрирани повеќе од 40 последователни земјотреси. На едно место било прекинато снабдувањето со електрична енергија, а утрешниот ден е прогласен за неучебен во целиот округ Баликесир.
Земјотресот бил почувствуван и во Истанбул, Бурса, Измир, Текирдаг, како и во делови од Бугарија, што предизвика паника кај граѓаните.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган изрази солидарност со засегнатите и порача дека АФАД ги следи и координира активностите на терен. Министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу информира дека патната инфраструктура не е оштетена.
Регионoт на Баликесир е често погоден од земјотреси – последниот посилен беше на 10 август оваа година, кога загина едно лице, а околу 30 беа повредени.

