12-годишник е крадецот кој во Битола ограби автобус кој превезувал третооделенци на екскурзија, полицијата го уапсила
Полицијата во Битола вчера (31.10.2025) приведе 12-годишно момче осомничено за тешка кражба, информира МВР. Според пријавеното, малолетникот со употреба на сила и со подесен алат влегол во автобус со штипски регистарски таблички, паркиран пред спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Автобусот бил сопственост на приватна фирма од Штип, а момчето одзело повеќе лични предмети на ученици и наставници кои биле на екскурзија.
По преземени полициски мерки, осомничениот бил пронајден и лишен од слобода, а украдените предмети им се вратени на сопствениците. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава против него, информираат од МВР.
Претходно, туристичката агенција која го организирала превозот јавно се заблагодари за брзата реакција и ефикасното пронаоѓање на украденото.

