Бугарија и Северна Македонија ќе потпишат спогодба за изградба на прекуграничен железнички тунел дел од Коридор 8
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, ќе потпишат Спогодба за подготовка, изградба и експлоатација на прекуграничен железнички тунел меѓу двете држави, јавува БГНЕС.
Потпишувањето ќе се одржи денеска на железничката станица во Ѓуешево.
На церемонијата ќе присуствуваат претставници на Европската комисија, дипломатски мисии на земјите од ЕУ и НАТО во Бугарија, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Прекуграничниот тунел претставува клучен елемент од транспортниот коридор „Западен Балкан – Источно Средоземје“ и стратешкиот Коридор VIII. Неговата реализација ќе овозможи воспоставување на недостасувачката железничка поврзаност меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и ќе го подобри транспортниот пристап меѓу Црното Море и Јадранот.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои половина се наоѓа на територијата на Бугарија.
Изградбата на тунелот ќе придонесе за економскиот развој на регионот и ќе ја засили интеграцијата на транспортните мрежи на ниво на Европската унија и НАТО.
