Свидетелство за одличен неуспех
Бране Стефановски/Анторис/Слободен печат
Тоа што го пишува во „свидетелството“ тие ни го кажуваат на културен начин, демек „добри сте, ама не сте мрднале ни милиметар!“. А ние им одговараме дека Извештајот е одличен, дека навистина не сме мрднале, ама сме многу понапред од Албанија.
Сето тоа што си го лаевме по веснициве се потврди со последното свидетелство што ни го додели Европската комисија за (не)напредокот на Македонија кон ЕУ. Е, па, сега, штом Извештајот ги потврди аналитичките предвидувања и укажувања на погрешната политика во сите области и во економијата, во земјоделството, во правосудството – ЕУ ни го плесна „у фаца“, како и многупати досега, но овој пат шамарот е најжежок, затоа што трпението е при кај и дома и во Европа.
Чудно, колку малку е потребно една „гордост“ да се претвори во срам, но само во очите на тие што ги разбираат работите, а тие што не ги разбираат ги релативизираат оценките, дури ги конвертираат во успех, без ниеден аргумент. И тоа звучи вака: „Навистина нема напредок, но нема ни назадување и тоа е голем успех“, што може да се изедначи со изговор од типот: „Јас одлично одговорив, ама ме мрази наставничката“. Па, како можеме да мислиме дека нè мразат, кога нè молат да ги решиме домашните задачи, па кога ќе дојдат испитите – да го браниме тоа што сме го решиле. Како можеме да мислиме дека некој нè мрази кога стално нè фалат дека сме прекрасен народ, со прекрасни јадења и народни песни и игри – софра, „лесковачка“ скара и Цеца.
Не знам зошто не им попуштиме на Бугарите, па нели попаметниот попушта? И не е сè во цврстите ставови, нешто е и во меките „ствари“, како во постелнините што им ги дававме како подарок кога ќе дојдеа кај нас на гости, па перници, па јоргани, па…, тие тоа не можат да ни го заборават, туку тоа нив ги јаде однатре како комплекс, затоа сега ни враќаат со надменост. Освен тоа топката е во Европа, не е кај Бугарите!
Треба да разбереме дека надменоста на една таква сериозна структура и групација, каква што е ЕУ, не мора да е генерална политика, туку дека од време на време може да се манифестира во хировите на поединци и да ѝ нанесе децениска штета на една мала земја. Еве, на пример, хирот на Макрон кој, за да се направи важен, во критичниот момент ја наметна својата волја за одложено проширување на Унијата откако таа ќе се реформирала. Тоа беше исто како кога неговата учителка му влепи една „по музика“, ете така, за ништо, за да се реформира, а беа во официјална посета со службениот авион накај Јужна Азија. Па, кога тој ја праша: „За кого?“, таа: „За Македонија!“. А, пред да избега, и дома имавме еден таков со хирови, со отклон кон антиката, а избега во Европа, од кого си го окркавме и со името и со знамето и ни го остави само стиропорот да се рони.
Затоа, не треба да мислиме дека Европа нè мрази и дека само со нас е преокупирана, дека нема проблеми со сопствениот статус, со одбранбената и со енергетска политика. Еволутивниот развиток е глобална тенденција на историјата и на цивилизацијата која секогаш осцилира, но, генерално, оди нагоре. Така и Европа се очекува да еволуира со прием на сите земји во нејзините рамки, освен ако некоја будалетинка застане на тој пат со нуклеарно оружје!
Ама, ако вртиме многу кругчиња, како кокошката што не сакала да мислат дека е лесна женска, Коридорот 10 нема да оди преку нас, ќе оди преку Бугарија и Романија и чао, пријатно.
Затоа, да се прашаме, што правиме ние? Ништо не работиме, па тоа што го пишува во свидетелството тие ни го кажуваат на културен начин, демек – „добри сте, ама не сте мрднале ни милиметар!“. А ние им одговараме дека извештајот е одличен, дека навистина не сме мрднале, ама дека сме многу понапред од Албанија која ги отвора последните 4 поглавја, а за 11 месеци отвори и затвори 28 поглавја. И покрај преземените обврски, работата е пасивна, целта е ставена „ад акта“, како да сме некоја сила која треба бесконечно да се моли и од која зависи судбината на Европа. Ноншалантниот однос кон европското прашање се граничи со лудост, со хазард, со ризик, со надеж на добивка чија претпоставена веројатност е коцкарска, како во квизот во кој 10 години, од толку кандидати, никој не го отвори милионот.
За сето ова време кај нас растат цените, се гладува, а не се произведува. Јадеме грав од Мадагаскар и од Казахстан! Тотална конфузија од највисоките инстанци на власта во предвидувањата за движењето на инфлацијата, што е сигурен патоказ кон сиромаштија од која нема да има враќање.
Дека Македонија води успешна политика и економија, се виде од излезноста на само 35 проценти од гласачите и неважечки ливчиња во двата круга заедно од 80 илјади. Тоа значи изразен револт од тешкиот живот. Затоа, да се слави победата е радост низ солзи, сатира, па дури да се префрла вината на опозицијата и на Европа е неодговорно и недржавнички, а нејзините пари се краделе токму од кадри на кои им била дадена довербата да ги делат на тие што им требале.
Сите, па и Америка дигнаа раце од нас. Кај се резултатите од македонското „трампирање во периметарот“? Ако ја потсетиме Америка дека ние сме ѝ некаков стратешки партнер, ќе се чуди каков партнер, кај сме на картата, како изгледаат имињата и фаците на нашите великодостојници. За што сме ѝ ние стратешки партнер, за војување, за економија, за безбедност, за нуклеарна енергија…? Напротив, гаранциите на НАТО ќе се покажат колку се силни кон Македонија кога Албанија ќе влезе во ЕУ за две години и кога дел од домашниот „процент“ близок и јазично и етнички ќе го фати патот кон „матичната земја“, бидејќи голем дел од тој етникум, јавно, во анкети, се има изјаснувано дека повеќе ја сака Албанија отколку Македонија. Тоа го покажува со игнорирање на државното знаме на сите можни настани и на територијата на западна Македонија. Изгледа коалициите се само за еднонасочно разбирање.
Значи, единствена опција за стабилизација на земјава е итно исполнување на задачите од европската рамка, зашто веќе ни НАТО нема да нè спаси, иако заменик-генералниот секретар на Алијансата е Македонец-донка и тоа од спротивната политичка опција на најпатриотската политичка сила, што е повеќе нејзин укор и симбол на желбата на светските сили да ја убедат Македонија на разум. Тоа скопските гулабари го викаат „полуртија“.
Глупави се тврдењата дека ЕУ ќе се распадне, кога прима нови членки и има една валута. Глупави се мислењата дека земјава треба да стане членка на БРИКС, а ретко кој знае на карта да го покаже тој БРИКС, кој нема ни заедничка валута, а од нас е оддалечен далеку на сите четири светски страни. Таа порака, пренесена преку Орбан, е руска инвестиција во уривањето на конкурентноста на Европа контра Русија. Ние одамна тргуваме со еврото на нашиот сопствен континент, далеку дури и пред да стекнеме кандидатски статус, а имаме и договори со Унијата во ранг на рамноправен партнер. Каде се ставовите на БРИКС по однос на двете последни војни, украинската и палестинската, ако е толку компактен сојуз?
Секоја одлука, тајна или јавна, да не се оди во правец на ЕУ, особено при вакви резултати од локалните избори, ќе биде нелегитимна и самоубиствена.
Македонија се спаси од сопствената внатрешна експлозија два пати: 2001 година со Рамковниот договор и 2017 со Преспанскиот, се разбира поднесе голема жртва, затоа што доцнеше во решавањето на суштинските прашања.
Ѝ останува последната шанса и тоа се работи за одбројано време од само 12-ина до 24 месеци, потоа можат да се очекуваат нови барања, нови уцени, нови услови од нови членки и веќе никој нема да се занимава со процентот на желбата на граѓаните за членство во Европската Унија.
Епитетот „извештајче“ веќе е директна навреда за европските институции и за експертите што го имаат подготвено, напад врз нивното професионално и човечко достоинство, што може да предизвика и нови политички и индивидуални хирови.

