За кого е ЕУ, за нас или за другите?

//

Facebook статус на Никица Корубин

Слушајќи ги деновиве пораките на ЕУ и САД, и на сите добронамерни пријатели, паралелно со манипулативно воденото насилство, совршено вклопено во, сега веќе очигледно, неколку месечната наменска хистерија, во руво на изнасилена “идентитетска” матрица, како “по учебник”; прашањето само се наметнува: зарем нашиот пат и членство кон ЕУ им е побитен на сите други, освен на нас самите? Тоа ли е впечатокот што треба да се стекне, кога “сите” така самоуверено се повикуваат “на народот”?

И како квази аргументите во национален занес, еден по еден исчезнуваат, се чини дека се вади се’ што е расположливо, веќе ниту обичната манипулација и извртување и на она малку факти кои неволно мора да се употребат не даваат резултат. Изненадени сте, колку колумни, авторски текстови и “стручни експертизи” деновиве прочитавте за замките во преговарачката рамка, заклучоците и фамозниот протокол; колку мини “лошата и нереформирана” Европа ни спрема, што треба таа и Бугарија се’ да направат, за да го зголемат својот “демократски потенцијал” за барем малку да го достигнат нашиот совршен изум, заробена држава со прекар партократија? Слушавте за “непокорот, гордоста, и силата”, по никоја цена да не се откажеме од оваа совршена статус-кво ситуација; ама ништо не слушнавте за последиците? За нив некако не е опортуно да се говори, особено, не од страна на заробените медиуми, заробениот невладин сектор, заробените партии и заробените експерти? Или единствени кои се заробени во целата оваа ситуација се всушност граѓаните, кои сведочат на последната битка, битка за стекнатите и наследени привилегии и позиции, под кодно име “идентитетот”?

Лесен е одговорот, за кого е ЕУ, доколку секоја “анализа” беше искрена, а не “нарачана”. И доколку барем еднаш, некој се обидеше да каже што е тоа идентитет и како било чиј “идентитет”, ако е токму тоа, иманентно лично и колективно обележје, воопшто може да биде предмет на загрозување, доколку имателот има апсолутна доверба во него самиот. Но, дали има? И во што се бара доверба? Во напишаното? Во наметнатото? Во конструкцијата? Во авторитетите ли? Кој ја бара беспоговорната доверба? На толку жестока “одбрана на идентитетот” ние не слушнавме и не прочитавме некои сериозни историски експертизи и дилеми, идентитетот го сведовме на површност, фикција, историска неписменост и “така сме учеле”. “Така сме учеле” ли го браниме? Или тие што “така не’ учеле ги браниме? Односно, тие самите се бранат, од истата позиција на моќ, со чија загуба се соочени. “Народот” во кој се колнат е само жив штит. Како и секогаш. Во современи општества, народот се поединечни граѓани, со свој сопствен став, дали таков јасен став слушнавме, ама индивидуален, а не кукавички и калкулантски скриен “позади народот и идентитетот”?



И затоа, после сите калкулации, процедури и тактизирања, намерни или ненамерни, после целото брутално насилство, толерирано или не, после цела узурпација на “идентитетот” и наменската одбрана на истиот; време е за конечна одлука. Од сите кои се повикани. Одлука за иднината на Македонија, кочена и опструирана триесет години, на различни начини. Без калкулации и пазар. Со минимум храброст и достоинство, ако е воопшто останато. Во свое лично име, со цел легитимитет, без криење позади партии, народ и идентитет. Ако нешто било заедничка определба на сите без исклучок, тоа е европската иднина. На прагот на истата, тешко дека било каква наменска блиц криг операција, на лажна европска грижа за трајно стопирање на ЕУ интеграциите може да остане скриена.

И затоа, надвор од хистеријата, која така отворено, ја креираат сите што себе се декларираат како “јавност” е всушност битка за малкумина. Тие истите кои не гледаат иднина, токму таму, каде што сите имаат очајна потреба од истата. Правила и принципи? Па, кому тоа треба во совршениот анти-систем на една заробена држава. На сите, освен на најгласните “борци за идентитетот”. Оној за еднократна намена, кој ќе обезбеди уште некоја декада привилегија. На државна сметка се разбира, а на чија друга? Но, кога оваа бура ќе помине, како и секоја друга, важно е што секој поединечно сака за себе и за најблиските како сегашност и иднина, што ќе добие како перспектива или уништување на истата; за “бранителите” не се секирајте, ќе се вратат во своите добро ситуирани гнезда. Но, внимавајте кој, со полна уста “народ и идентитет” се грижи за себе, а кој за другите. Затоа што она “другите” е најбитно, независно од тоа “себе”. За сите нас се работи, зарем не?



Претходна статија

„Европејците“ VS Европа… Ја познавате ли Јана Јузова

Следна статија

Бугарите некрофили и „силувачите“, кои не сакаме да ги видиме

Најново од Ваш став

Во „име“ на народот

Facebook статус на Никица Корубин “Народот” е најприсутен во јавниот говор, деновиве. Сите се повикуваат на

Живот во мит

Fb статус на Никица Корубин Што подразбираме кога ќе кажеме Македонија и Македонски е прашањето со