| |

Србија без официјална нота до Софија за „бугарска шпионска мрежа“: Софија реагира на изјавите на Вулин

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека од српските власти не се пристигнати никакви официјални информации во врска со наводно „апсење бугарски шпиони“ или „разбиена бугарска шпионска мрежа“ на територијата на Србија. Ова го изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Георг Георгиев, реагирајќи на тврдењата на поранешниот српски вицепремиер и екс-директор на БИА, Александар Вулин, пренесе БГНЕС.

Вулин, еден од најблиските соработници на претседателот Александар Вучиќ и актуелен претседател на Надзорниот одбор на државната компанија „Србијагас“, преку соопштение пласирано во српските медиуми тврдеше дека била разбиена „бугарска шпионска мрежа“ во Србија, притоа упатувајќи навредливи квалификации кон Бугарија, нарекувајќи ја „окупатор“ што наводно требало да „пали свеќи и да бара прошка“ од Белград.

Георгиев потсети дека Србија е не само соседна држава, туку и дом на автохтоното бугарско национално малцинство, кое историски се развивало во тој регион. Тој нагласи дека Бугарија ги развива односите со Србија врз основа на принципите на добрососедството и меѓусебното почитување.

„Изјавите на Вулин, лидер на парламентарно застапеното ‚Социјалистичко движење‘ и претседател на Надзорниот совет на ‚Србијагас‘, покажуваат колку лесно билатералните односи може да станат цел на недобронамерни политички кампањи и манипулативни наративи“, изјави Георгиев.

БГНЕС потсетува дека последниве години повеќе српски функционери, меѓу кои и претседателот Вучиќ и самиот Вулин, често упатуваат навредливи изјави кон Бугарија. Во Србија, според агенцијата, се води организирана кампања со „говор на омраза“ против Бугарите, кои се прикажуваат како „чудовишта“. Вулин јавно се залага за прекин на преговорите за членство во Европската унија и за приклучување на Србија кон БРИКС. Тој е добитник на високи руски одликувања, а во своите настапи тврди дека „никој не може да го сопре хегемонистичкиот балкански проект ‚Српски свет‘“.



Слични Објави