Бугарија и САД ја одржаа третата сесија од стратешкиот дијалог во Софија
Бугарија и САД денеска ја одржаа третата сесија од Стратешкиот дијалог во Софија. На средбата присуствуваа високи претставници од двете држави, при што беше нагласена посветеноста кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност, економскиот раст и билатералните врски. Премиерот Росен Желјазков истакна дека партнерството меѓу двете земји има стабилна основа и потенцијал за понатамошно продлабочување.
Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев ги претстави резултатите од соработката во енергетиката, вклучително и проектите за нуклеарни постројки со американска технологија, како и модернизацијата на одбраната преку набавка на Ф-16 и оклопни возила „Страјкер“.
Во фокусот беа и безбедносните прашања поврзани со Украина и Блискиот Исток, при што Софија ја поддржа американската рамка за прекин на конфликтите и хуманитарен пристап.
Потврден е и континуираниот ангажман за стабилноста на Црноморскиот регион и Западен Балкан, а Бугарија го истакна напредокот кон приклучување во американската Програма за безвизно патување.
Американскиот претставник Кристофер Смит ја оцени соработката со Бугарија како исклучително важна за регионалната безбедност, енергетската стабилност и економскиот просперитет.
Во рамките на дијалогот беа одржани тематски панели за енергетика, инвестиции, гранична безбедност, нови технологии и одбрана, на кои министрите ги презентираа постигнатите резултати и плановите за унапредување на стратешкото партнерство.
