| |

Изложба во Скопје ги отвора настаните по повод 125-та годишнина на уметничката колекција во бугарскиот град Казанл’к

Изложба во Република Северна Македонија ќе го означи почетокот на серија настани по повод 125-годишнината од поставувањето на темелите на уметничката колекција во Казанл’к – најстарата зачувана уметничка збирка надвор од главниот град Софија, во Бугарија. Ова за БТА го изјави директорот на Градската уметничка галерија во Казанл’к, д-р Пламен Петров.

Експозицијата „Национално/локално“, чијшто куратори се д-р Петров и Катја Христова, ќе биде отворена на 22 јануари во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје. Таа обединува автори од различни генерации и, според д-р Петров, има силна симболична вредност, бидејќи ја покажува улогата на локалната идентичност како активен дел од националниот културен дијалог.

„Конкретното и специфичното се она што ги гради вистинските мостови меѓу различните заедници“, истакна тој, додавајќи дека изложбата ја надминува рамката на протоколарен културен настан и се претвора во процес на споделување на културна меморија.

Публиката во Скопје ќе има можност да ја проследи континуитетната линија во бугарската уметност – од Христо Кутев, преку Дечко Узунов и Ненко Балкански, до Константин Трингов и Стојан Домусчиев. Посебно место заземаат и делата на Георги Борисов – Лава, Велемир Петров, Румен Петков, Димитриос Пападакис, Румен Нечев и Дарина и Андреј Јаневи, како и гоблените на Мара Јосифова.

Почетоците на збирката датираат од 1901 година со основањето на Музејот за старини и уметности по иницијатива на Иван Енчев – Видју. Во првите години во фондот влегуваат дела од истакнати скулптори и сликари, што ја поставува основата на високи уметнички критериуми и формира силна локална уметничка средина.

Значаен период е и управувањето на Димитар Чорбаџиски – Чудомир (1930–1958), кога колекцијата значително се збогатува. Од 1973 година галеријата функционира како самостојна институција, а денес управува со повеќе од 5.000 дела и со неколку музејски филијали, меѓу кои и музејот „Ахинора“, посветен исклучиво на едно дело на Иван Милев.

Во 2026 година, која ќе биде целосно посветена на јубилејот, се планирани бројни настани низ земјата, вклучително и учество на фестивалот „Аполонија“ и изложба во Сојузот на бугарските уметници. Галеријата веќе работи и на проектот „125 дијалози со уметноста“ во рамките на програмата „Културно наследство 2025“.

„Овој проект ќе ни овозможи да го прошириме погледот на публиката кон нашата колекција и да докажеме дека комуникацијата со уметноста е можна, а галеријата е место за сите“, истакна д-р Петров.

Во тек е и подготовката за отворање на депото „Современост“, кое ќе овозможи директна средба меѓу публиката и современите казанлачки автори, како и создавање аудиовизуелен архив од средбите со уметниците. Планирано е продолжување и на лекциската платформа „Сабота во галеријата на пат“ во различни градови низ земјата.

Со овие иницијативи, раководството на галеријата има цел да го зајакне дијалогот меѓу уметниците и публиката и да го претвори Казанл’к во активен современ културен центар.

Слични Објави