Земјата на насилието
Владимир Перев
1.
Оваа година Северна Македонија го дочека Осми март-Денот на жената и мајката со темен, црн превез на душата. Самоубиството на младата мајка Ивана и нејзиното седумгодишно дете, одново ја отворија бесконечната дискусија за насилијата врз жените кај нас, за фемицидот но и воопшто за насилието врз луѓето како дел од нашето битисување. А не е дека оваа земја не знае за насилие, за повеќе и секакви врсти на насилност. Но, новото време, културолошкиот развиток и пробивот на социјалистичките идеи, барем законски, ги поравнаа правата на мажите и жените, па така актот на насилство врз жени, стана чин со законска казнивост. Барем пред законот, ако не и во реалноста, жените се изденачени со мажите. Остатокот за дорегулирање на состојбите останува на нашата свест и совест и најмногу на силата и правните механизми на државата.
2.
Да, државата е основата на сите благодети но и сите несреќи на еден народ-зависи од тоа за кого е и каква е. Затоа некои од нас се трудат да ја зајакнат и да уживаат во благодетите, додека други грчевито се борат да ја урнат и да формираат нова-по сопствен замислен урнек. Ниту првите ниту другите, не секогаш успеваат…ако и успеат, обично таа држава се претвора во карикатурална слика на нивната визија. Во Османско време, со благословот на државата, муслиманите ги тероризираа (или експлоатитаа, како сакате) “каурите“, за потоа раниот капитализам и нацизмот да воведат расна експлоатација и насилие врз расна основа, за конечно применетиот социјализам низ еднопартискиот систем, да воведе жестока партиска диктатура на малубројните “избрани“ врз многубројното подаништво. Во сите три случаи, државата беше зачетникот и основачот на ова законско насилие, засновано врз правото на посилниот. Така е до денешен ден…
3.
Македонија низ својата историја ги има почуствувано последиците од сите врсти на насилие, за денес да се соочува со насилие врз основа на родова нееднаквост и национални посебности. За време на целиот 20. век на територијата на Македонија се водат три локални и две светски војни, а теророт достигнува, на одредени моменти епски размери. Последниве денови најмногу се говори за фемицидни насилија и насилија засновани врз родова различност, но еден друг мрачен сегмент на теророт виси над нашите глави, редовно потхрануван од политичарите и нивните гласноговорници. Тоа е насилието врз национално различните.
4.
Република Северна Македонија се прикажува себе сѝ како држава на национална и верска рамноправност и толеранција, но кога се говори за една етничка група-македонските бугари, тие поими не важат. Тоа е група со признати национални и верски права уште од времето на Отоманската империја во 19. век, за по 1918 година, по српската окупација, таа етничка група, иако најмногубројна во земјата, да биде гонета, прогонувана и убивана без никакви законски пречки. Поточно речено, освен во периодот 1941-44 година кога македонските бугари ги имаат сите права. Во целиот период од 1918 до 1941, па од 1944 година до денешен ден, македонските бугари се предмет на отворена и наказнувана омраза стигма и закани. Сето тоа во историски континуитет од полициските институци во кралска Југославија, преку Титовата Југославија, па се до денешната Самостојна Република (Северна) Македонија. Политиката на денационализација на македонските бугари, беше главната алатка во рацете на репресивниот апарат, како во двете Југославии, така и во новата Северна Македонија.
5.
Упорноста на македонските бугари доведе до формирање на неколку културно образовни друштва и два клуба-во Битола и Охрид. Без разлика на спорноста (или не?!) на нивните имиња, отворањето на национално-образовниот процес, од властие беше пречекано “на нож“! Прво беа навредливите квалификации, за потоа, по терк на старите опробани методи, да се премине кон насилие. Така заврши случајот со Пендиков и неговото заминување во Софија на лечење од тешките повреди, како и палењето на Клубот во Битола. Судската завршница е своевидна бурлеска на македонското правосудие; “Случајот Пендиков“ уште нема судска завршница, а судската завршница на случајот со Клубот во Битола е трагикомична фарса на целото македонско општество. Во тој случај еден обичен, релативно непознат просечен пејач, стана медиумска ѕвезда со невиден скок во кариерата! Македонското општество молчешкум ги следеше настаните со овој случај, се восхитуваше од кариерата на пироманот-пејач, не чувствувајќи дека тоа е почетокот на крајот на правната држава и почетокот на насилната, авторитарна политика на оваа Влада. Последиците сеуште се нејасни, но резултатот е видлив-комплетно занемарување на правната држава и човековите права.
6.
Таа законско-правна отсутност на македонската држава, во претходните неколку дена доведе до втор обид за насилие и веројатно оштетување на Клубот во Битола. Реагираше и Министерството за надворешни работи на Бугарија. Тоа е само предупредување. Истовремено некој нов, млад насилник, со качулка на глава, копнее по својата слава на патриот, нешто како копија на претходниот пироман-пејач. Притоа, изјавите на премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски дека “додека јас сум премиер, бугарите нема да влезат во Уставот“ се обичен блеферски популизам. Тој знае дека ниту бугарите ќе исчезнат, ниту тој ќе биде вечен премиер…па дури да е и така, неговата вечност е колку еден живот, а присуството на бугарите овде е историски факт кој надживеал цареви, кралеви и еден куп премиери. Тоа се два различни криетериуми.
7.
Самоубиството на младата мајка Ивана и нејзиното шестгодишно дете, предизвика бран од негодувања и протести. Но, тоа е само врвот на ледениот брег на неспособноста и неработењето на државните институции, но пред сѐ на неказнивоста на еден дел од граѓанската врхушка. Самодоволноста да се припаѓа кон владеачката партија, завршува со самоувереност за сопствената неказнивост. Затоа имаме случаи на тепање на луѓе во сериозни години од улични насилници, како и ред неразјаснети или судски “саботирани“ случаи. Нашата држава е во ред, призната од сите, со стабилни граници и членка на НАТО, но со замрени, умртвени институции и со стигматизација кон одредени етнички категории на македонски граѓани, најотворено пројавени кон македонските бугари. Албанците прашањата за нивната стигматизација и државотворно отфрлање ги решија “со пушка во рака“. Насилието кон македонските бугари остана во својата институционализирана форма до денешен ден.
8.
Смешни се “влажните соништа“ на некои од македонските првенци дека “вистинскиот“ лидер на РСМ е српскиот претседател Вучиќ. Тоа е само илузија за една непродуктивна север-југ врска…Вучиќ дури и дома, во Србија не е вистинскиот претседател. Мицкоски сеуште е единствениот и вистинскиот премиер, ама поуките од северниот сосед не може да ги научи.
Како и да било, македонските бугари ќе влезт во уставот на РСМ со сите права како и другите заедници. нашата земја ќе влезе во ЕУ со сите прерогативи, без разлика како ќе се одвиваат настаните низ актуелните боишта во Украина и на Блискиот исток. Тоа ќе биде со Мицкоски или без него…како и да е, насилните методи на неговото владение, ќе бидат предмет на учење на наредните генерации. Ако тој може со тоа да се носи, па дури и “по него“, ги има моите честитки.
Суицидот на Ивана и нејзиното дете е само подотворање на “вратата на пеколот“. Времето ќе ја каже вистината за нашата индолентност, нашето одбивање да се приклучиме на современите европски и светски трендови и на нашата идолопоклонетост кон лидери кои одамна немаат кредибилитет ниту кај своите, ниту во светските институции. А Мицкоски се прегрнува со нив..
Златне идоле не треба пипати, рекол српскиот филозоф Никола Милошевиќ, јер позлата остаје на рукама…
Мислел на Тито, Сталин и некои други…само голо железо.
На жените во Северна Македонија и низ целиот свет, честит 8-ми март. Поклон пред жртвите на фемицидот и жртвите на тоталитарните режими низ целиот свет.
Слава им на жените-херои на нашето и минатите времиња!
