| | |

(Видео) К8: Ели Секуловска за славните жени во светската историја, борбата за права, фемицидот и за државните непријатели во поранешна СФРЈ

Во најновата 292-ра епизода на македонско-бугарската седенка „Коридор 8“ емитувана во живо на YouTube на 8 март- Меѓународниот ден на жената, се отвори комплексната и провокативна тема – положбата на жената низ историјата и долгата, често драматична борба за рамноправност. Од праисториските општества во палеолитот, па сè до современите дебати за фемицид и човекови права, гостинката Ели Секуловска направи широк историски осврт на улогата на жената и на нејзината борба за достоинство и еднаквост.

Во разговорот се споменуваат значајни историски личности како Ана Комнина, Алиенора Аквитанска и полската кралица Јадвига, како и подоцнежни фигури што ја обликувале интелектуалната и политичката историја – од Елизабета Тјудор до Мери Волстонкрафт, Олимп де Гуж, Мери Монтагју и Марија Склодовска Кири. Посебен акцент е ставен и на појавата и значењето на поимот феминизам, како и на влијанието на делото „Вториот пол“ на Симон де Бовоар.

Епизодата се задржува и на темните страници од европската историја – папските були од средниот век, инквизицијата и системските прогони на жени, но и на подоцнежните форми на репресија во тоталитарните системи. Во тој контекст се отвора прашањето за женските логори во поранешна Југославија, на островот Свети Гргур и женското одделение во затворот Идризово.

Секуловска сподели и за тоа како нејзините предци, а и таа самата биле прогласени за државни непријатели. Во разговорот ќе слушнете на какви малтретирања и тортури биле подложени нејзините дедо и баба од страна на репресивните органи на титовистичка Југославија.

Во вториот дел од емисијата, Секуловска зборува за фемицидите и насилството врз жените во Северна Македонија, имплементацијата на Истанбулската конвенција и критиките на експертските тела за нејзината практична примена. Се отвора и поширока дискусија за состојбата со човековите права, демократијата и историското наследство од поранешниот југословенски систем.

На крај, емисијата поставува и низа чувствителни прашања за недоволно истражените аспекти од минатото – архивите на УДБа и КОС и ликвидациите на политичката емиграција од страна на режимот во Југославија.

Слични Објави