Добре Митрев: Бугарија и не е толку страшна за Македонците, кога таму можеле да станат полковници, генерали и академици
Претседателот на здружението „Балкански коридор“, Добре Митрев, во свој статус на социјалната мрежа Facebook се осврна на изјава на адвокатот Тони Менкиноски во врска со 30 лица полковници во пензија, кои наводно биле во редовите на нелигитимната организација ОМО „Илинден-Пирин“ во Софија.
Митрев, вели дека од изјавата на Менкиноски дознал за тие 30 полковници во пензија.
„Триесет полковници, еден академик и електроинженери не е така лош дострел, ако се има предвид тезата дека Бугарија била страшна во однос на Македонците“, наведува Митрев, додавајќи дека Менкиноски е паметен човек и веројатно е свесен дека меѓу Македонците имало и генерали.
Во својот коментар тој потсетува дека академик со потекло од Прилеп во одреден период бил и претседател на Бугарската академија на науките (БАН). Според Митрев, изјавата на Менкиноски во суштина не носи нови информации, освен податокот за 30-те полковници.
Митрев иронично забележува дека, според логиката на ваквите тврдења, можеби тие „со сила биле направени полковници“, како што, како што вели, „со сила во времето на царска Бугарија биле направени генерали Златарев и Протогеров од Охрид или браќата Жостови од селото Гајтаниново“.
Во објавата тој исто така нагласува дека не го оправдува воведувањето забрани за движење за било кој граѓанин, без разлика дали станува збор за бугарската или македонската страна.
„Ако безбедноста на една држава зависи од еден или двајца луѓе, тогаш прашање е дали заслужуваме да бидеме држави. Ние можеме да бидеме само браќа, а не и непријатели, колку и некој да го посакува тоа“, наведува Митрев.
