Албанскиот министер за одбрана се сретна со претседателот на Воениот комитет на НАТО во Брисел- меѓу темите Коридор 8
Министерот за одбрана на Албанија Ермал Нуфи одржа средба во Брисел со претседателот на Воениот комитет на НАТО Џузепе Каво Драгоне, при што во фокусот на разговорот биле безбедноста во регионот и продлабочувањето на соработката со Алијансата, јавува БГНЕС.
Посебно внимание било посветено на ситуацијата во Косово и улогата на КФОР во гарантирањето на стабилноста и мирот. Разгледани биле и Коридорот 8 и развојот на Порто Романо, кои Тирана ги определува како проекти од клучно значење и за националните и за регионалните интереси.
Нуфи потврдил дека Албанија останува цврсто посветена на евроатлантскиот сојуз и на напорите за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и надвор од него.
„Стратешката улога на Коридорот 8 и развојот на Порто Романо со понатамошна поддршка од Алијансата се важни за напредокот на проекти од национално и регионално значење. Албанија останува посветена на понатамошно зајакнување на својата улога во НАТО во име на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и надвор од него“, напиша Нуфи на социјалните мрежи.
Средбата доаѓа ден по неговите разговори со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, со кого разговарал за безбедноста на Западен Балкан и војната во Украина.
