НЕ СЕ СЕКИРАЈТЕ АКО СНЕМА ТОАЛЕТНА ХАРТИЈА ИМАМЕ ГАЌИ!
Со појавата на корона вирусот, настана општ светски хаос, кој несомнено не нѐ одмина и нас. Прес-конференции, едукативни видеа, како да се заштитиме, што да правиме, објаснувања што е всушност корона вирусот и секако препораки за седење дома. Вондредна ситуација, со вондредни мерки но дали ова важи за сите? Ако земеме во превид дека вирусот се шири со брзина на светлината, дека буквално може да се фати и од метална површина (ако некој заболен претходно ја допрел) тогаш дали „седете дома“ би имало некаков ефект? Да, би имало. Тие што седат дома ќе се заштитат. Но, колку од македонските семејства барем еден член сѐ уште оди на работа? Ако тој еден се зарази, како ќе го заштити семејството кое седи дома? По конфекциите работниците одат на работа. И уште што е позагрижувачко ништо се нема променето како при нормална состојба. Полицискиот час за нив не важи, бидејќи истите тие работници имаат добиено дозволи дека можат да се движат од работа до дома и после 21 часот. Ова ќе му дојде и малку како црн хумор нели ако снемаме тоалетна хартија, имаме на лагер гаќи кои се шијат со полна пареа. Но пак има белја, нема од каде да си ги купиш! Ако не беше тажно ќе беше смешно. Забраната за неработење важи за дуќанџиите, за кафичите за кафаните. ОК. Добро е тоа, но каков ефект има за побрзото справување со вирусот? Истите тие луѓе што ги гледавте по кафичи, сега се собираат по текстилните или индустриските хали, во кои бројката започнува од 50 особи на нагоре. Да замислиме дека само еден е позитивен на корона вирусот а нема никакви симптоми. Си оди на работа нели, маска на лице обична (која според многу истражувања штити само 15 минути и потоа треба да се стави нова), денеска истата таа особа ќе изврши непосреден контакт најмалку со едно лице. Тоа едно секогаш помножете го најмалку со 5. Кое е оправдувањето што не се воведе забрана од 30 дена на апсолутно сите фабрики? Гаќи си имаме купено од претходно, фустани за по дома имаме а исто така и перници! Дајте им барем скафандери на работниците, бидејќи не можете да си дозволите ниту пак одвоеност од две метра од работник на работник, од машина до машина. Исто така да не заборавиме дека повеќето конфекциски работнички работат без ракавици, бидејќи самата работа не го дозволува тоа. И сега што правиме? Значи сите претходни мерки се за џабе! Туку со респираториве до кај сте? Ај за болници на некои фудбалски игралишта ќе ставиме шатори (од оние за планинарење) пошто нели години ви требаа за еден клинички што сѐ уште не е започнат да се гради. Ништо не презедовте за работниците. Тие веќе како да се отпишани, а со тоа цело население е отпишано. И така ќе имаме големи загуби. Ставете го цело население во карантин еден месец. Нека има полициски час 24/7. Полицијата, докторите и армијата од секогаш биле на нозе. За недај Боже тука ќе бидат да ни помогнат. Само така и на тој начин ќе го искорениме вирусот а и ќе се заштитат граѓаните. Денеска 44 ново заболени од вирусот. Мислите ли дека се само толку? Не. Секогаш секоја бројка помножете ја по 5!
Автор: Елизабета Најдоска Величкова