(Галерија) Изложбата „За слободата на еден народ“ посветена на Априлското востание беше отворена во БКИЦ-Скопје
Изложбата „За слободата на еден народ“, подготвена по повод 150-годишнината од избувнувањето на Априлското востание од Националната библиотека „Св. св. Кирил и Методиј“ и Државната агенција „Архиви“, беше отворена на 28 април во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, јавува БТА.
„Денеска не само што отвораме изложба. Денес отвораме врата кон сеќавањето, кон оној судбоносен април 1876 година, кога бугарскиот народ ја зема судбината во свои раце, воден од непреодолливиот стремеж кон слобода, достоинство и национално самоопределување….Априлското востание не е само историски факт. Тоа е морален врв. Тоа е симбол на саможртвата, на единството и на непокорниот дух на народ кој ја избира слободата пред стравот. Изложбата што ја отвораме денес е своевиден мост меѓу минатото, сегашноста и иднината. Преку документи и раскази таа нè потсетува не само на настаните, туку и на човечките судбини зад нив – судбините на обични луѓе кои станале херои, на кои им ја должиме својата Слобода“, истакна директорката на Бугарскиот културно-информативен центар, Антонија Велева.
Со видеообраќања до присутните во затворената галерија на Бугарскиот културно-информативен центар се обратија директорите на Народната библиотека Калина Иванова и Државната агенција „Архиви“ Михаил Груев, како и Милен Михов, куратор и еден од составувачите на документарната изложба.
Во експозицијата се вклучени над 130 документи – протоколи, писма, телеграми, повици, уверенија и други, кои ја илустрираат подготовката, текот, задушувањето и последиците од Априлското востание. Тие го откриваат и меѓународниот одѕив на востанието, при што важни се и османлиските документи, кои ја покажуваат гледната точка на локалната и централната османлиска власт. Изложбата претставува и познати, и помалку познати документи, дел од кои се прикажуваат за првпат. Таа ги следи настаните во сите револуционерни окрузи, улогата на бугарската емиграција и меѓународниот одѕив од востанието, а Скопје е првото место надвор од Бугарија каде што е претставена.
Пред отворањето на изложбата „За слободата на еден народ“, која ќе биде изложена во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, деца од предучилишната група на неделното училиште „Здравеј“ учествуваа на отворен час поврзан со Априлското востание.









