Државниот архив во Трговиште чува разгледница од крштевањето на кнез Борис Трновски
Спомен-разгледница од крштевањето на кнезoт Борис Трновски, идниот бугарски цар Борис III, се чува во Државниот архив во Трговиште, соопшти институцијата по повод 130 години од неговото преминување во православната вера, јавува БТА.
Директорката на Архивот, Дијана Петрова, истакна дека станува збор за „симболичен настан во новата историја на Бугарија“ со значајно политичко и државно значење, кој придонел за зајакнување на меѓународната позиција на земјата и подобрување на односите со Руската империја, а истиот бил позитивно прифатен од бугарското општество.
Документот е оригинална илустрирана поштенска картичка со графички портрет на кнезот, со димензии 9 на 14 сантиметри и натпис „Поштенска карта за внатрешна кореспонденција… 2 февруари 1896 год.“ на предната страна. Картичката е во релативно добра состојба и е донирана во 1996 година од Мукадес Заралиева од Трговиште.
Презентацијата е дел од иницијативата „Интересно во архивите“ по повод 75-годишнината на државните архиви во Бугарија. Во рамки на одбележувањето е претставено и издание на поемата „Горски патник“ од Георги Ст. Раковски од 1857 година, како и најраниот документ во архивот – превод на Библијата на новобугарски јазик од 1871 година.
