| |

Трамп и Путин ќе се сретнат во Алјаска со главна тема на разговорот- прекин на војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе се сретнат во Алјаска за да разговараат за прекин на војната во Украина. Средбата ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, на околу 10 километри од Енкориџ, единствената во државата што ги исполнува безбедносните барања, според Си-Ен-Ен.

Средбата, која многумина ја сметаат за историски, ќе започне во 11:30 часот по локално време (21:30 часот по централноевропско време). Според најавата на помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, прво ќе има тет-а-тет средба, а потоа проширен состанок со делегациите. „Преговорите ќе продолжат за време на работниот појадок. Централна тема е украинската криза, но и економската соработка меѓу Москва и Вашингтон“, рече Ушаков, нагласувајќи дека времетраењето на разговорите нема однапред утврден лимит.

Руската делегација ќе ја сочинуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев и самиот Ушаков. По состанокот е планирана заедничка прес-конференција, доколку разговорите го дозволат тоа.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе се фокусира исклучиво на прекинот на војната во Украина, додека другите теми ќе бидат оставени за некоја идна средба. Пред два дена, по консултациите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, Трамп вети „многу тешки последици“ за Путин и Русија ако не се согласи на прекин на конфликтот.

Слични Објави