Муцунски: Нашата цел е да изградиме општество кое ќе создава можности, а не причини за заминување
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се обрати на отворањето на конференцијата посветена на демографската отпорност, која се одржа во Скопје, во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека демографските предизвици повеќе не се само статистика, туку прашање на економска конкурентност, национална отпорност и долгорочна стабилност на државите.
„Нашата цел е да изградиме отпорно, инклузивно и просперитетно општество, кое ќе создава можности, а не причини за заминување. Денес не зборуваме само за наталитет, миграција или стареење на населението, туку за човечкиот капитал како најважен стратешки ресурс на една држава“, истакна Муцунски.
Во контекст на надворешната политика, министерот ја нагласи важноста на дијаспората како природен мост меѓу државата и светот, посочувајќи дека преку новата Стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030, целта е да се изградат подинамични и поцврсти врски со македонските граѓани во странство и да се создадат долгорочни инвестициски и развојни партнерства.
Воедно, тој посочи дека Владата работи на модернизација на конзуларните услуги и дигиталните платформи, со цел секој граѓанин во странство да остане поврзан, поддржан и активно вклучен.
Министерот Муцунски нагласи дека задржувањето на младите бара реални можности, квалитетни работни места и конкурентна економија, поради што владините политики се насочени кон економска трансформација, иновации и подобра интеграција во европскиот економски простор.
Осврнувајќи се на европските политики и регионалната соработка, тој истакна дека преку Планот за раст на Европската Унија се отвораат можности за побрз економски развој, нови инвестиции и поголема мобилност, додека стратешките инфраструктурни коридори претставуваат двигатели на развој, поврзување и нов економски потенцијал.
Во завршницата од обраќањето, министерот Муцунски порача дека демографските промени се глобален феномен, а одговорите на тие предизвици мора да бидат координирани, долгорочни и засновани на партнерство.
„Нашата визија е модерно, поврзано и инклузивно општество, кое ќе создава шанси за младите, ќе се грижи за повозрасните и никого нема да остави зад себе. Нашата најголема сила се луѓето – и дома, и низ дијаспората“, истакна министерот Муцунски.
