| |

Бугарското неделно училиште во Загреб обединува деца од Хрватска и регионот

Бугарите во Хрватска, иако малубројна заедница, активно работат на зачувување на бугарскиот јазик и култура меѓу помладите генерации, вели Иглика Касабова, за Радио Бугарија.

Во Бугарското неделно училиште „Иван Вазов“ во Загреб годинава учат 38 деца од Загреб, Шибеник, Сплит, Дубровник, Риека, Љубљана и Сараево. Дел од наставата се одвива и онлајн.

„Училиштето не ја опслужува само Хрватска, туку и регионот“, вели Касабова.

Таа посочува дека дел од учениците се билингвални и трилингвални, а најголем предизвик за нив е пишувањето на кирилица. „Се фокусираме на желбата за учење и мотивацијата. Ако ја изгубиме мотивацијата кај децата, се намалува и мотивацијата кај родителите“, додава таа.

Во училиштето се изучуваат и историските врски меѓу Бугарите и Хрватите, а бугарската заедница активно учествува на Деновите на малцинствата во Хрватска, каде се претставува со фолклор и традиционална храна.

Според Касабова, во последно време Хрватите покажуваат зголемен интерес за Бугарија, особено за фолклорот, туризмот и културното наследство. Таа посочи дека во Горноградската гимназија во Загреб постои бугарска училница, отворена по донација од бугарската влада по земјотресот во градот.

Слични Објави