Од шарените, преку огнените до промените
Facebook статус на Никица Корубин
Начинот на кој Европскиот сојуз за промени (ВЛЕН), доминира на политичката сцена и го диктира наративот е фасцинантен. Особено тешко за “јавноста” која не може да стигне да парира со “ескперти” кои “објективно и непристрасно” треба да ги компромитираат, релативизираат и дискредитираат. Оваа иницијација на македонската политичка сцена, која е во тек и очекувано ќе се засилува до конечна еманципација е одлична можност за рефлексија и потсетување: зошто идејата на “шарената револуција” која беше убиена од владеачката партократија, воскреснува преку албанската опозиција?
Предвидливо е дека ова го ужаснува традиционалниот македонски шовинистичко-елитистички дух, но еманципацијата е токму тука (нај)потребна. Затоа што за разлика од Албанците, кои ќе имаат вистински избор на претстојните избори, Македонците ќе ја немаат таа привилегија. Доколку се разбира партиите и понатаму етнички ги перцепираме, и доброволно се приклонуваме кон “нашите”.
Но, што е всушност различно во “истото”, затоа што ниту албанскиот опозициски блок не се формира од нови, туку од постоечки политички партии и личности, со јасно профилирана позиција. Но, со важен, би рекла клучен додаток: идејата за различно. Затоа што ниту шарената револуција, не беше поддржана, предводена и на крајот узурпирана од нови, туку од постоечки политички партии, кои само ја следеа (а, потоа окупираа и суспендираа) идејата на граѓаните за различно. Разликата, а не промените беше клучна, за успехот или во нашиот случај, пропаста на шарената револуција. Затоа што разликата, ги прави промените суштински и одржливи.
Разликата во поимањето на политиката, разликата во практикувањето на политиката, разликата разбирањето во регионалниот контекст, разликата во отворањето на забранетите теми кај нас, разликата во тоа што е стратешки интерес на Северна Македонија. Разликата во заклучокот: кој, што и како го заробува општеството, ја блокира држвата и ја уништува секоја возможна перспектива за нормален живот.
Таа суштинска разлика никогаш не беше направена во шарената револуција, затоа што политичкиот (партискиот) дел кој требаше да ја направи сакаше “промени под истите услови”, а не “разлика на сосема други основи”. И токму затоа денес владеачките политички партии (македонско/албански), кои упорно и доследно ги пропуштаат во континуитет сите шанси за сопствено преиспитување и реформа, топтан со македонските опозициски партии, стари или нови сеедно, така конзервирани и ретроградни, заробени и камуфлирани, се тежок избор за граѓаните кои ќе гласаат за било што “различно” во политиката, кое ќе ја реформира и нормализира Северна Македонија низ процесот на преговори со ЕУ.
И токму затоа е комично, накарадно и трагично да се гледа, веќе јавно експонираното обединување на “жестоките противници”, позиција-опозиција против албанската опозиција, како да е најголемиот проблем во државава во моментов. А, можеби е токму така? Дали таа всушност е најголемиот проблем на “заробената држава”? Дали таа го предизвикува системот на досега невиден начин? Ја апсорбира енергијата на граѓаните и ја трансформира во јасна идеја: промени. Преку ЕУ, преку нормализација на општеството, но општество на граѓаните, кои ја прифаќаат, а не сатанизираат и партизираат етничката припадност, а не на “клановите” кои глумат граѓани. И општество.
Свежи се сеќавањата на украдената надеж од шарената револуција. А, тоа само ја зголемува одговорноста на секој кој таква надеж нуди. И бидејќи надежта е ништо без идеја и вложување, оваа новоразбудена надеж за целото македонско општество е најдоброто нешто што можеше да ни’ се случи. Како иницијална каписла за целосно освестување и преиспитување, на сите наметнати парадигми, на сите предрасуди, на сите лаги и манипулации кои бледнеат, во очајот да се одржат уште некој изминат ден. И покрај инсистирањето и поттикнувањето на албанофобијата, огромен предизвик ќе биде за Македонците да ја восприемат идејата, дека еднакво и Албанците може да бидат прогресивни и либерални, да ги најават и водат промените, како што тоа го правеа Македонците пред неколку години.
“Заробената држава”, гледајќи ги претседателските кандидати, силно стои на своите стаклени нозе. Мислат дека можат да им пркосат и на овие промени, без самите да се променат. А, не сваќаат дека промените се случуваат со нив или без нив. Одговорно е и доблесно, да разбереме што и зошто се случува сега. За таа промената, кога ќе дојде, да биде различна. Затоа што “разликата” ја прави и “промената” промена.
