|

(Видео) Филипче: Мицкоски намерно ја турка С. Македонија во изолација за да ја заштити криминалната банда

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека власта предводена од Христијан Мицкоски намерно ја турка Македонија во изолација, со цел, како што рече, „да ја заштити криминалната банда“ и да го закочи европскиот пат на државата.

Филипче изјави дека вистинската закана за националниот идентитет не доаѓа од уставни измени, туку од криминалот и корупцијата.

„Македонскиот национален идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот. Македонскиот национален идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата. Христијан Мицкоски и неговата криминална група ВМРО мора да разберат дека граѓаните многу јасно гледаат што прават. Намерно сакаат да изолираат земјава од Европа за да сочуваат својата криминална банда на власт. Вметнувањето на малцинствата во Уставот со цел да се почитуваат нивните права не е загрозување на македонскиот национален идентитет. Напротив, тоа е зацврстување на нашиот национален идентитет“, рече Филипче.

Тој кажа дека продолжувањето на европскиот пат ќе значи примена на европските стандарди и правда.

„Затоа што продолжувањето на европскиот пат значи примена на европски закони и правда. Значи европско јавно обвинителство пред кое нема да можат да командуваат ниту од собраниска говорница, ниту пак преку нивните јавни телевизиски настапи. Значи крај на наместените тендери, на партиски вработувања, на државни, народни, граѓански пари. Мицкоски и неговата група свесно ја блокираат европската иднина на Македонија за да ја продолжат кражбата на народните пари. И токму затоа националниот идентитет им служи само како изговор за да ја зачуваат власта и да продолжат со своите криминални интереси“, рече Филипче.



Слични Објави