Кос: Има место за сите западнобалкански земји во ЕУ
Комесарката на Европската унија (ЕУ) за проширување Марта Кос денеска во Брисел изјави дека има јасна порака за сите западнобалкански земји дека за сите нив има место во проширувањето на ЕУ.
„Имам јасна порака, има место за сите западнобалкански земји во Европската унија. Проширувањето е приоритет за Европската унија и ако нашите кандидати имаат резултати, тогаш и ние мораме да даваме резултати“, рече Кос пред новинарите пред почетокот на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи и работниот појадок со западнобалканската шесторка.
Таа посочи дека ЕУ веќе дава резултати во поглед на проширувањето и дека првпат по 17 години е воспоставена работна група за пристапување на нова земја – Црна Гора.
Кос рече дека ЕУ исто така дава опипливи резултати околу постепената интеграција на земјите и истакна дека минатата недела Србија се придружи кон Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во системот за плаќања СЕПА и дека сега се подготвува самитот ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи во Подгорица на 5 јуни.
„Очекувам навистина силна посветеност од сите кандидати од Западен Балкан да останат на европскиот пат“, рече таа.
