Корубин за „Локално“: Кој и зошто е „обединет“ или „не е обединет“ околу европската интеграција е прашање кое граѓаните треба да го упатат кон власта, а не власта кон другите
Стратешките и државни и интереси се определени уште од независноста и тие се одраз на волјата на граѓаните, кои се носители на суверенитетот, до ден денес – евроатлантска интеграција и членство во ЕУ, после членството во НАТО. Неодамна државниот архив, го објави оригиналниот документ на „Декларацијата за меѓународното признавање на Република Македонија како суверена и независна држава” од 17 декември 1991 година во која, меѓу другото “… ги прифаќа критериумите и ги исполнува условите донесени од страна на Советот на министрите на Европската заедница ….”; со која де-факто и суштински, од самиот почеток државата се определува кон идно членство и припадност кон ЕУ и Европа. Оттаму, клучното прашање е зошто властите во уставниот поредок (законодавната и извршната) не ги спроведуваат сопствените обврски, наместо да стојат позади параванот на партиите, стопирајќи го целото општество“, вели во изјава за „Локално“, политичката аналитичарка и поранешна пратеничка, Никица Корубин за најавите за обединување на премиерот Христијан Мицкоски околу државните и стратешки интереси, како што е патот кон полноправно членство во ЕУ.
Според неа, целта на премиерот може да биде определена (и ограничена) само согласно Уставот, законите и меѓународните обврски на државата. Како што тврди, тука нема многу простор, ниту за импровизација, ниту за избегнување, барем, не на долг рок.
-Тој како дел од извршната власт, е подреден на законодавната власт, која и според уставната поставеност, а и според последниот извештај на Европската Унија, се уште, веќе четврта година, не ја завршила обврската од Преговарачката рамка за внесување на Бугарите во Уставот, со која постапка „веднаш и без дополнителна политичка одлука од ЕУ“ започнува отворањето на поглавијата од кластерите. И ова е тој “национален интерес”, “иднина на нашите деца” и “почит кон сопствената историја” – со зборовите на самиот премиер, посочува Корубин.
Околу тоа, додава соговорничката, веќе се обединети, повеќе од 70% проценти од граѓаните кои се изјасниле во анкетите, а сигурно реално и повеќе – за членство во ЕУ.
-Затоа, се чини дека и не станува збор за “обединување”, туку за исполнување на обврските за кои се избрани самите пратеници, а од нив и самите министри и премиерот, децидна е Корубин.
Наратив за предавници и патриоти – кој би посредувал меѓу Филипче и Мицкоски за „обединување“…Според аналитичарката, кога се знае дека целта на државата во 35 години независност, преку недвосмислената желба на граѓаните, секогаш била евро-атлантската интеграција и членството во ЕУ; тогаш прашањето за „обединувањето“ е неспорно.
-Но, кога државата де-факто е блокирана цели четири години од усвојувањето на Преговарачката рамка, со помош и на неодговорен и опасен наратив за манипулација на граѓаните, тогаш вистинското прашање кој и зошто го суспендира и минира „обединувањето“ на граѓаните околу европските и западните вредности и директно ја блокира интеграцијата во ЕУ, после членството во НАТО – како ултимативна вредносна, културолошки, економска и политичка основа за самата цел на обединувањето. Кој и зошто е „обединет“ или „не е обединет“ околу оваа цел е прашање кое граѓаните треба да го упатат кон власта, а не власта кон другите, нагласува Корубин.
