| |

DARA ѝ донесе победа на Бугарија на Евровизија, државниот врв со честитки

Победата на бугарската пејачка DARA на Евровизија предизвика силни реакции и честитки од бугарскиот државен врв, кој успехот го оцени како историски момент за бугарската култура и повод за национално обединување.

Претседателката Илијана Јотова во објава на Фејсбук напиша „Триумф за DARA и триумф за Бугарија на Евровизија“. Таа им честиташе на пејачката, на целиот тим што стои зад победата, како и на Бугарската национална телевизија за придонесот во организацијата и подготовката.

„Благодариме за силните емоции и инспирацијата“, порача Јотова, оценувајќи дека станува збор за бугарска победа со глобален одек.

Премиерот Румен Радев исто така упати честитки, нагласувајќи дека DARA со својот талент и професионализам успеала да ги надмине сите предрасуди и сложени околности околу гласањето на натпреварот.

„DARA е уште еден доказ дека Бугарија може да победува“, напиша Радев, додавајќи дека земјата со нетрпение ја очекува организацијата на Евровизија 2027.

Министерот за култура Евтим Милошев во изјава за БНТ рече дека победата за него не била изненадување, бидејќи, како што посочи, пресудни биле песната, изборот на DARA како изведувач и силниот позитивен одек уште пред финалната вечер.

Милошев упати честитки до пејачката, креативниот тим и БНТ, нагласувајќи дека победата ќе придонесе за значително поголема видливост на современата бугарска култура на европската и светската сцена.

„Таква појава на една европска и светска платформа овозможува фокусот да се стави врз младата генерација, врз младите творци и врз современата бугарска култура“, изјави министерот.

Тој додаде дека победата на DARA претставува повод за обединување на Бугарите, како во земјата така и надвор од неа, и им се заблагодари на сите кои гласале ширум Европа за бугарската претставничка.

„Нека ваквите моменти нè обединуваат. Да гледаме позитивно, да веруваме во себе и во сопствениот идентитет“, порача Милошев.

Фото: БГНЕС



Слични Објави