Инвестициите на Фондот „Три мориња“ ќе донесат над 2,67 милијарди евра за бугарската економија
Инвестициите на Фондот „Три мориња“ (3SIIF) се очекува да создадат економски ефект од над 2,67 милијарди евра за Бугарија до 2035 година, покажува првиот извештај за влијанието, изработен од Ernst & Young за периодот 2020–2035, јавува БГНЕС.
Според анализата, инвестициите ќе поддржат просечно 4.186 работни места годишно и ќе генерираат повеќе од 622 милиони евра даночни приходи во следните 15 години. Бугарија е меѓу земјите со најзначаен економски придонес од активностите на фондот во регионот.
Клучен проект е инвестицијата во БМФ Порт Бургас, каде од 2022 година се вложени над 100 милиони евра за проширување на пристанишната инфраструктура, железничката поврзаност и модернизација на товарните капацитети. Денес пристаништето обработува повеќе од 7 милиони тони товар годишно и над 150.000 TEU контејнерски сообраќај.
Меѓу проектите е и најголемиот фотоволтаичен парк во Бугарија кај селото Караџалово, дел од портфолиото на австриската компанија Enery, со инсталирана моќност над 100 MW и производство доволно за околу 27.000 домаќинства.
Според Цанко Арабаџиев од Бугарската банка за развој, која инвестирала 10,2 милиони евра во фондот, очекуваниот ефект за економијата е повеќе од 260 пати поголем од вложувањето. Тој оцени дека резултатите покажуваат како јавниот капитал може да привлече големи инвестиции и да создаде долгорочна економска вредност.
Фондот „Три мориња“ располага со капитал од 1,1 милијарда евра и инвестира во енергетска, транспортна и дигитална инфраструктура во 13 земји од Централна и Источна Европа.

