|

Стоилковски: Запрена дивоградба за која има основано сомневање дека зад неа стои Артан Груби

Запрена е дивоградба за која има основано сомневање дека зад неа стои првиот вицепремиер Артан Груби, изјави портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој рече дека градител на дивоградбата е братучед на Груби.

„Започнатата луксузна градба со базен е дивоградба затоа што за неа нема дозвола. И затоа градбата е запрена од општината! Кога се нема дозвола, а се гради, тоа е дивоградба, а тоа е криминал. Со денови Артан Груби и ДУИ шират лаги дека ВМРО-ДПМНЕ е против градење, а Христијан Мицкоски забранил Албанци да градат во општините, а ова е причината: сопрена дивоградба, градба без документи, на Груби! Никој не е против градба, ниту има етничка заднина, ВМРО-ДПМНЕ е против криминалот, а градење без документи е криминал! И тоа го боли Артан Груби“, рече Стоилковски.

Како што додаде, и оваа дивоградба и запирањето на градбата од Општината се причината за Артан Груби да посакува меѓуетнички конфликт да обвинува за дискриминација. Запирањето на дивоградба, вели Стоилковски, е причина за Груби да го злоупотреби ДУИ за соопштенија дека ВМРО-ДПМНЕ им забранува на Албанци да градат.

Стоилковски вели дека Артан Груби е професионален Албанец кој ја злоупотребува етничката припадност за криминали. Од криминалот на Груби, губат и Албанци и Македонци, а ќар има само тој, додаде Стоиловски.

Потсети дека ова е петти огромен скандал поврзан со Артан Груби, по дуќанот во Центар, баждарењето на нафтени деривати, хотелот на Шапка и житото од државните резерви.



Слични Објави