|

Сојузот на средношколците по договорот со МОН: Ќе се обезбедат банки со прашања за интерните испити

Државната матура ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти, која беше најмногу афектирана од прекините на наставниот процес. Три од четирите барања на Сојузот беа прифатени, информираа од Сојузот на средношколците по вчерашната вонредна седница, на која се постигна договор за државната матура.

На матурантите ќе им се олесни полагањето на државната матура бидејќи ќе се обезбедат банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет. Понатаму, ќе се намали бројот на прашања и бодови на првиот екстерен испит, а тој ќе се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи додатни 2 поена при уписот.

Сегашниот сооднос екстерните испити да носат најмногу 24 поени, а интерните најмногу 12 поени, ќе се смени во сооднос екстерните да носат најмногу 20 поени, односно интерните најмногу 16 поени. Министерството за образование и наука преку Владата ќе им издаде препорака на универзитетите да извршат ваква промена во конкурсите.

Првиот екстерен испит ќе се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дека оценката од овој испит ќе се множи со повисок коефициент. Конректно, матурантите ќе добијат додатни 2 поена при упис поради оваа промена, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик и литературата.

Сојузот на средношколците успеа да издејствува наставниците да ги споделат банките со прашања за интерните испити најдоцна 4 недели пред испитот. Овие банки ќе содржат број прашања, три пати поголем од бројот на прашања на испитот. Ова е значајно олеснување за матурантите бидејќи тие ќе имаат доволно време соодветно да се подготват и за интерните испити.

Генералното собрание, по долга дискусија, ја прифати алтернативната понуда на МОН наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Тој ќе носи од 60 до 80 бода наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања.

Оттука, Сојузот на средношколците информира дека успешно постигнавме договор за државната матура. Сојузот ќе продолжи да ги застапува средношколците со уште поголема мотивација преку предлагање квалитетни политики базирани на факти, кои се донесуваат на легитимен и демократски начин по пат на отворен и искрен дијалог во интерес на сите средношколци.



Слични Објави