Одбележани 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија
Град Скопје денеска го одбележа Денот на пожарникарството и 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во РС Македонија.
„Пожарникарите се херои на секојдневието – луѓе кои секогаш се први таму каде што опасноста е најголема и кои секојдневно ги ризикуваат сопствените животи за да спасат човечки животи, домови и имоти. Пожарникарството не е само професија, туку повик што бара исклучителна дисциплина, човечност и посветеност. Хероизмот заслужува почит, но и поддршка. Храброста заслужува благодарност, но и современа опрема, подобри услови и силен систем што ќе стои зад пожарникарите“, соопштија од Град Скопје.
Градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека модернизацијата на Противпожарната бригада на Град Скопје останува силен приоритет, при што веќе е завршен спортскиот комплекс во рамки на бригадата, со цел подобрување на физичката подготвеност и условите за работа на пожарникарите.
Во наредниот период, најавени се активности за дополнително унапредување на опремата, условите за работа и оперативната подготвеност на противпожарните служби.

