(Видео) Доцова во Рим: Да го чуваме бугарскиот јазик
Претседателката на бугарското Народно собрание Михаела Доцова повика на зачувување и почеста употреба на бугарскиот јазик на прием во бугарската амбасада во Рим, во пресрет на 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј, бугарската азбука, просвета и култура и словенската писменост, јавува БТА.
„Да си го чуваме нашиот бугарски јазик, да користиме повеќе бугарски зборови“, порача Доцова. Таа истакна дека Бугарите се сочувале како народ благодарение на својата писменост и изрази гордост за зачуваната книжевност и духовното наследство.
Бугарскиот амбасадор во Италија Иван Кондов нагласи дека Кирилицата е светост и израз на национална гордост, а нејзиното создавање и ширење е признато како бугарски придонес кон светската култура.
Западно- и Средноевропскиот митрополит Антониј изјави дека 24 Мај е „празник на духот“ и дека азбуката е повеќе од писменост – „благослов и завет“ преку кој народот ги зачувал верата, културата и идентитетот.
На настанот беше претставена и патувачката изложба „Бугарското духовно богатство низ вековите“, која подоцна ќе биде дел од идниот црковен музеј во Пловдив.
Претходно бугарската парламентарна делегација положи цвеќе пред спомениците на Капетан Петко Војвода и на светите браќа Кирил и Методиј во Рим. За утре е предвидена аудиенција кај папата Лав XIV во Ватикан.
