Папата Лав XIV го благослови бугарскиот народ, бугарската делегација му врачи икона на Св Иван Рилски и чипровски килим
Икона на бугарскиот небесен чувар Свети Иван Рилски и уникатен чипровски килим беа официјалните подароци што бугарската државна делегација му ги врачи на папата Лав XIV за време на традиционалната аудиенција во Ватикан по повод 24 Мај, јавува Актуално.
Претседателката на бугарското Народно собрание Михаела Доцова изјави дека изборот на подароците носи длабока историска и дипломатска симболика. Чипровскиот килим бил избран поради историските сведоштва за првите папски пратеници во бугарските земји токму во Чипровци и бил предаден како симбол на добриот дијалог меѓу католичката и православната црква. Иконата на Свети Иван Рилски, небесниот заштитник на Бугарија, претставува традиционален религиозен дар.
Доцова средбата со поглаварот на Римокатоличката црква ја оцени како „исклучително срдечна и многу искрена“, посочувајќи дека траела подолго од предвиденото. Според неа, папата Лав XIV изразил очекување Бугарија, како земја на крстопат, да биде „меѓу креаторите на мостови кон мирот“ и испратил благослов до бугарскиот народ.
Бугарската делегација му упатила и официјална покана на папата да ја посети земјата. Лав XIV ветил дека ќе направи сè што е можно за да ја продолжи традицијата на посети на неговите претходници, а можноста за посета ќе ја разгледа во најскоро време.
