СДСМ: Уште само еден ден до неисполнување на ветувањата на Мицкоски за Реформската агенда
Само уште еден ден останува, уште утре, и доаѓа 1 јуни до кога Мицкоски вети дека целосно ќе ги исполни сите точки од Реформската агенда и обврските за продолжување на европскиот пат на државата, велат од СДСМ.
„Уште еден ден до уште едно неисполнето ветување на Мицкоски, до уште една потврдена лага.
Реформи нема, нема ниту документи за екстрадиција на Никола Груевски и негово враќање во затвор. Го има само Стоилковиќ и Кина, кој стратешки работи против стратешкиот партнер САД.
Мицкоски ги излажа граѓаните за враќањето на името, ги излажа за поништувањето на Преспанскиот договор, ги излажа дека македонскиот јазик, идентитет и култура се загрозени, а денес ги лаже и за Реформската агенда.
За две години власт, од десетте точки од Реформската агенда, реализирани се само две и тоа нецелосно. Незавршена останува и клучната обврска – внесувањето на малцинствата во Уставот, чекор без кој Македонија не може да продолжи напред кон Европската Унија.
Без исполнување на оваа обврска нема отворање на следните поглавја, нема напредок во преговорите, нема пристап до нови европски можности и фондови, нема забрзан економски развој и подобар животен стандард за граѓаните.
Мицкоски нека ги внесе малцинствата во Уставот или нека излезе пред граѓаните и искрено да признае дека не сака членство во Европската Унија.
Мицкоски и ВМРО ја туркаат Македонија кон изолација затоа што се плашат од европските стандарди, од независното судство, од Европското јавно обвинителство и од одговорноста за криминалот и корупцијата“, стои во соопштението на СДСМ.
