„Trojan Footprint 26“: 3.000 војници на НАТО на голема вежба во Европа
Меѓународната вежба на специјалните сили „Trojan Footprint 26“ собра околу 3.000 војници од 13 држави, меѓу кои Бугарија, САД, Германија и Северна Македонија, кои реализираа обуки во повеќе европски земји. Во Бугарија заеднички тренинзи спроведоа бугарските и романските специјални сили, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија.
Како најголема вежба на специјалните сили во Европа, „Trojan Footprint 26“ имаше цел да ја зголеми борбената готовност, оперативната соработка и единството меѓу сојузниците во НАТО при дејствување во сложена и мултинационална средина.
Според бугарското Заедничко командување за специјални операции, вежбата потврди дека специјалните сили на НАТО имаат висока готовност и способност за брзо и ефикасно заедничко дејствување. Командантот, бригаден генерал Божидар Бојков, високо го оцени настапот на бугарските војници и соработката со романските сили, нагласувајќи: „Ние сме силни затоа што сме заедно. Ние сме силни затоа што можеме да се потпреме и да си веруваме еден на друг“.
За време на вежбата беа користени сценарија за справување со хибридни закани, а сите активности во Бугарија беа реализирани со целосна координација со властите, при почитување на безбедносните мерки и со минимални пречки за населението.
