ВМРО-ДПМНЕ: Богоев треба да одговори дали му биле ветени 1,8 милиони денари за тендер во Царина
ВМРО-ДПМНЕ обвини за наводни нерегуларности при доделување тендер во Царинската управа вреден 18 милиони денари и побара одговори од поранешниот функционер на СДСМ, Стефан Богоев.
Според партијата, првичната сума од 110.000 денари била дел од наводно договорен надомест за тендерот за хигиенски услуги. Во соопштението се тврди дека лице познато како „Џемо од Прилеп“ посредувало за фирма која требало да го добие тендерот, користејќи влијание врз раководни структури во Царината.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали е точна информацијата дека на Богоев му биле ветени 10 проценти од вредноста на тендерот, односно 1,8 милиони денари, како и дали постојат и други наводно наместени тендери во институцијата во периодот на неговото раководење.
Во партиското соопштение се упатуваат критики и кон СДСМ, при што се оценува дека случајот го покажува „вистинското лице“ на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека очекуваат одговорност за, како што наведуваат, криминалите поврзани со СДСМ.
