„Бугарската Амазониja“: Впечатливите изумрудени води на бугарското Црноморје
Во пресрет на летната сезона, бугарското Црноморје импресионира со својата убавина. На Facebook се појавија снимки од Јужното Црноморје, за кои корисниците се посомневаа дека се обработени и подобрени со филтри, но се покажа дека се целосно реални и за тоа постои интересно научно објаснување, пишува Актуално.
Градоначалникот на Општина Приморско, Иван Гајков, објави импресивни фотографии од подрачјето на реката Ропотамо. „Реката Ропотамо – нарекувана и „бугарската Амазонија“! Никаде на друго место кај нас не можат истовремено да се видат лонгозни шуми, водни лилјани, влажни подрачја, огромни дини и морско устие во толку природна и добро сочувана состојба“, категоричен е градоначалникот.
Приморскиот претприемач Здравко Василев, пак, објави фотографија од регионот со коментар: „Признавам, вакви бои досега немав видено!“
Под неговата објава, многумина се посомневаа дека ова е вистинскиот изглед на водата на бугарското Црноморје. Сепак, други корисници се вклучија во дискусијата и објаснија дека станува збор за автентични снимки, а прекрасната боја на водата во моментот се должи на цветањето на фитопланктонот.
„Необичната сино-зелена нијанса на водата се должи на масовно цветање на фитопланктонот“, објаснија упатените.

