Бугарија формира механизам против дезинформации пред изборите, апел за напуштање на Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи на Бугарија воспоставува привремен координациски механизам за справување со дезинформации и хибридни закани во пресрет на вонредните парламентарни избори закажани за 19 април. Одлуката е донесена со наредба на министерката за надворешни работи Надежда Неински од 23 март.
Новото тело ќе има задача да обезбеди координиран институционален одговор на обидите за надворешно мешање и манипулација со информации, како и да ја зајакне информациската отпорност. На чело на механизмот ќе биде амбасадорката за специјални задачи за изградба на отпорност Марија Спасова, додека надзорот ќе го врши заменик-министерот Велизар Шаламанов.
Работната група ќе спроведува централизирано следење и анализа на дезинформации, ќе изготвува проценки на ризик и аналитички извештаи за раководството на министерството, вклучително и во контекст на организирањето на гласањето во странство. Исто така, ќе координира стратешки комуникации и соработка со меѓународни партнери, како и со институции на ЕУ и НАТО, а ќе соработува и со граѓански организации и академската заедница.
Во меѓувреме, бугарските власти издадоа итен апел до своите државјани во Блискиот Исток да го напуштат регионот поради влошената безбедносна состојба. Повикот се однесува на Бахреин, Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Либан и Иран.
„Тие треба да го напуштат регионот веднаш, додека аеродромите сè уште работат и воздушниот простор е отворен“, изјави заменик-министерот Марин Рајков.
Тој додаде дека ситуацијата на терен се усложнува: „Реално гледано, безбедносните услови се на прагот на, би рекол, драматично влошување.“

