Мицкоски во работна посета во Истанбул
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ќе престојува во работна посета на Истанбул, Република Турција, каде ќе учествува на Бизнис форум посветен на бизнис соработката меѓу двете држави.
Во состав на владината делегација ќе бидат и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, како и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски.
На форумот ќе учествуваат високи владини претставници, стопанственици и инвеститори од двете земји, а фокусот ќе биде ставен на продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, привлекување нови инвестиции, унапредување на инфраструктурното поврзување, енергетската соработка и развојот на заеднички проекти од стратешко значење.
Во рамки на програмата предвидени се тематски панели посветени на трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување, како и на инфраструктурата, логистиката и инвестициите, на кои ќе учествуваат членовите на македонската владина делегација.
Предвидено е премиерот Мицкоски да се обрати на завршната церемонија на Бизнис форумот, која ќе започне денес напладне. Посетата ќе биде искористена и за политички средби значајни за двете држави.
