Општина Чаир демантира: Сите постапки и набавки се спроведени транспарентно и законски
„Во интерес на точно и објективно информирање на јавноста, Општина Чаир појаснува дека Постапките за јавна набавка за проектите „Реконструкција на водоводен систем и фекална канализација во населба Саат Кула – Општина Чаир“, „Реконструкција на водоводен систем и фекална канализација во населба Дижонска – Општина Чаир“ и „Изградба на училишен затворен спортски базен за ООУ „7 Март“ се спроведени согласно одредбите од Законот за јавни набавки, преку Електронскиот систем за јавни набавки, со почитување на принципите на законитост, транспарентност, еднаков третман и обезбедување на конкуренција меѓу економските оператори“, велат од Општина Чаир.
„Во рамките на спроведените постапки беа доставени и евалуирани понуди од заинтересирани економски оператори, при што Комисијата за јавни набавки изврши детален преглед и оцена на исполнетоста на условите за учество, критериумите за избор и техничките спецификации утврдени во тендерската документација и објавените огласи.
По завршување на постапката за евалуација беше утврдено дека избраните економски оператори доставиле понуди кои во целост ги исполнуваат предвидените услови и критериуми, како и барањата утврдени во тендерската документација. Дополнително, понудените цени се во рамките на обезбедените и предвидените финансиски средства согласно донесените одлуки за јавни набавки.
Финансиските средства за реализација на инфраструктурните проекти за реконструкција на водоводната и канализационата мрежа во населбите Саат Кула и Дижонска се обезбедени врз основа на договорите за користење на финансиски средства за капитални дотации наменети за единиците на локалната самоуправа, склучени помеѓу Општина Чаир и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Средствата за реализација на проектот за изградба на училишен затворен спортски базен се обезбедени согласно договорот за користење на финансиски средства за капитални дотации за инфраструктурни проекти од областа на образованието, склучен помеѓу Општина Чаир и Министерството за образование и наука.
Имајќи предвид дека избраните понудувачи ги исполнуваат сите законски, технички и финансиски услови предвидени во тендерската документација, како и фактот дека за реализација на проектите се обезбедени финансиски средства од надлежните министерства, создадени се услови за непречена реализација на наведените проекти, кои се од значење за подобрување на комуналната инфраструктура и унапредување на условите за образование и спорт на територијата на Општина Чаир.
Согласно одредбите од Законот за јавните набавки, договорниот орган нема законска основа да го зема предвид времето на основање на економскиот оператор како фактор при утврдувањето на неговата способност за учество во постапката за јавна набавка. Исто така, договорниот орган не смее да пропишува услови или критериуми со кои би се ограничувало учеството на економските оператори врз основа на периодот на нивното постоење, односно да бара тие да бидат регистрирани или да вршат дејност одреден број години пред објавувањето на постапката, иако нагласуваме дека избраната фирма согласно приложената документација е основана неколку години пред да биде избрана како изведувач во конкретните проекти.
Ваквите услови би биле спротивни на основните начела на Законот за јавните набавки, особено на начелата на еднаков третман, недискриминација и обезбедување на конкуренција меѓу економските оператори. Способноста на економскиот оператор се оценува врз основа на исполнувањето на законски пропишаните услови, неговата техничка и професионална способност, финансиска состојба и другите критериуми утврдени во тендерската документација, а не врз основа на датумот на неговото основање или времетраењето на неговото работење.
Општина Чаир врши реконструкција на водоводната мрежа, канализацијата за отпадни води, како и атмосферската канализација во населбата Саат Кула, и тоа на следните улици: Ремзи Хоџа (улица Чаирска), улица Петре Георгиев, улица Мимар Синан (ул. 372), улица Васил Аџаларски, улица 157, улица 397, улица Конгреси и Манастирит (ул. 374) и улица Отокар Кершовани.
Општина Чаир врши реконструкција на водоводната мрежа, канализацијата за отпадни води, како и атмосферската канализација во населбата Дижонска, и тоа на следните улици: 22 Ноември (улица Дижонска), улица Ѓорѓи Томовски, Елена Ѓика (улица Јосиф Штурна), Имри Елези (улица Божин Стијков), Луигј Гуракуќи (улица Љубе Стоилковиќ), улица Халим Халимиќ, улица Браќа Реџепагиќ, улица Ферид Заири, улица Кемал Сејфула“, се додава во соопштението од Општина Чаир.
