Швајцарците денеска одлучуваат за ограничување на бројот на жители, можни последици и за односите со ЕУ
Швајцарските граѓани денеска гласаат на референдум што би можел значително да ја промени имиграциската политика на земјата и да влијае врз нејзините односи со Европската Унија.
На референдумот се одлучува дали ќе биде прифатен предлогот бројот на жители на Швајцарија да не надмине 10 милиони до 2050 година. Иницијативата ја предложи десничарската и популистичка Швајцарска народна партија (СВП), која предупредува дека растечката имиграција создава притисок врз јавните услуги, пазарот на труд и станбениот сектор.
Според официјалните проекции, Швајцарија би можела да ја достигне границата од 10 милиони жители уште во текот на 2040 година, односно десет години порано од рокот предвиден во предлогот.
Ова е првпат во историјата на земјата да се предлага со уставни измени законски да се ограничи бројот на жители. Референдумот се одржува во период кога во повеќе европски држави десничарските партии бараат построги мерки за имиграцијата, поттикнати од незадоволството поради високите животни трошоци, забавениот економски раст и безбедносните прашања.
Јавноста поделена
Резултатите од гласањето се очекуваат уште во текот на попладневните часови.
Анкетите покажуваат поделено јавно мислење. Последните истражувања укажуваат дека поддршката за иницијативата опаѓа, додека претходни анкети покажуваа дека предлогот има реални шанси да биде усвоен.
Во невообичаено единствен став, на предлогот се спротивставуваат и работодавачите и синдикатите, кои предупредуваат дека ограничувањето на бројот на жители може да создаде сериозни проблеми за швајцарската економија.
Можно влијание врз односите со Европската Унија
Доколку предлогот биде усвоен, Швајцарија би можела да биде принудена да го преиспита договорот за слободно движење на работна сила со Европската Унија.
Токму работниците од земјите членки на ЕУ претставуваат значителен дел од работната сила во Швајцарија, а слободното движење е еден од темелите на единствениот европски пазар.
Швајцарската влада и парламентот ги повикаа граѓаните да гласаат против иницијативата, оценувајќи дека таа доаѓа во чувствителен момент за економијата.
Пред само три месеци Берн и Брисел потпишаа договор за продлабочување на економската интеграција, а евентуалното ограничување на бројот на жители би можело да ги доведе во прашање и другите билатерални договори меѓу двете страни.
Потсетување на референдумот од 2014 година
Иако швајцарските гласачи во минатото често ги отфрлале иницијативите кои се сметале за штетни за долгорочните економски интереси на земјата, исходот не е однапред познат.
Во 2014 година, спротивно на очекувањата, граѓаните тесно го поддржаа предлогот на СВП за ограничување на имиграцијата од Европската Унија. Сепак, неговото влијание подоцна беше значително ублажено при усвојувањето на законските решенија.
„Повик за будење“
Дел од раководството на СВП нагласува дека целта не е укинување на слободното движење на луѓе, туку испраќање порака до властите дека мора да преземат мерки.
„Не сакам да заврши слободното движење. Во Швајцарија може да дојдат уште милион луѓе, но владата мора да преземе мерки“, изјави Хајнц Таенлер, политичар од СВП и директор за финансии на кантонот Цуг.
Според него, референдумот треба да послужи како предупредување дека земјата мора подобро да се справува со последиците од постојаниот раст на населението.

