|

Министерството за дигитална трансформација рангирано на прво по квалитет: доброто управување почнува со услуги без бирократија и без простор за корупција

Министерството за дигитална трансформација е рангирано на прво место во мерењето на Индексот на квалитет на институциите од јавниот сектор за 2025 година. Признанието беше доделено на настан организиран од Министерството за јавна администрација, согласно Методологијата за оценка на индекс на квалитет на институциите.

Во своето обраќање, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека ова признание претставува чест, но и голема одговорност за Министерството и за сите вработени.

„Фактот што Министерството за дигитална трансформација е рангирано на прво место во мерењето на индексот на квалитет на институциите од јавниот сектор за 2025 година, по само две години од постоењето, е потврда дека кога институцијата има фокус кон граѓаните, организирани процеси и посветен тим, резултатите стануваат видливи и мерливи“, истакна Андоновски.

Мерењето за 2025 година беше реализирано преку комбиниран пристап, кој ги опфаќа и перцепцијата на корисниците и реалното искуство при добивање услуга. Во истражувањето беа опфатени десет јавни институции, 627 испитаници во анкетниот дел и 70 „тајни клиенти“.

Министерот Андоновски нагласи дека дигиталната трансформација е директно поврзана со доброто управување, транспарентноста и борбата против корупцијата. Според него, кога процедурите се јасни, дигитални и следливи, се намалува просторот за субјективност, непотребно одолговлекување и коруптивно однесување.

„Тоа е суштината на дигиталната трансформација. Не технологија заради технологија, туку подобра јавна услуга. Помалку чекање. Помалку бирократија. Повеќе доверба во институциите. А кога процесите се дигитални, јасни и следливи, се намалува просторот за субјективност, за непотребно одолговлекување и за коруптивно однесување“, порача Андоновски.

Тој посочи дека токму тоа е суштината на дигиталната трансформација — не технологија заради технологија, туку подобра јавна услуга, помалку чекање, помалку бирократија и повеќе доверба во институциите.

Министерството за дигитална трансформација, преку процесите на дигитализација, интероперабилност и електронско работење, работи на намалување на административниот товар за граѓаните и компаниите, како и на создавање јавна администрација која функционира како сервис, а не како пречка, велат од таму.

„Ова признание го гледам и како поттик за целата јавна администрација. Не постои институција која не може да се подобри. Не постои услуга која не може да се поедностави. И не постои процес кој не може да стане потранспарентен, побрз и попредвидлив за граѓаните“, истакна Андоновски.

Министерот упати благодарност до вработените во Министерството за дигитална трансформација, нагласувајќи дека наградата е пред сè признание за нивната секојдневна работа, посветеност и професионалност.

„Ова е нивна награда. На луѓето кои секојдневно работат со граѓани, со институции, со системи, со проблеми кои често не се гледаат однадвор, но од кои зависи дали една услуга ќе функционира или не“, рече Андоновски.

Тој изрази благодарност и до Министерството за јавна администрација за спроведувањето на процесот, посочувајќи дека ваквите мерења внесуваат култура на отчетност, споредување и препознавање на добрите практики и слабостите во јавниот сектор.

„Нашата цел останува иста: институции кои работат побрзо, поефикасно и почесно; услуги кои се креирани околу потребите на граѓаните; и јавна администрација која гради доверба“, порача министерот Андоновски.

 

Слични Објави