ЕУ бара транспарентна истрага за тврдењата дека против демонстранти во Србија е употребено звучно оружје
Европската унија повторно повика на транспарентна и веродостојна истрага за тврдењата дека против демонстранти во Србија било употребено звучно оружје, јавува БГНЕС.
„Очекуваме секоја истрага за ова прашање да биде спроведена целосно во согласност со законот и без каков било политички притисок или впечаток на политичко влијание“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, за Радио Слободна Европа.
Српското Високо обвинителство на 19 јуни соопшти дека проверува информации според кои на состанок на студентите во блокада во јануари 2025 година била разгледувана „симулација“ на звучен топ на протестот во Белград од 15 март. Студентите тврдат дека документот е изваден од контекст.
Мерсие потсети дека Европскиот суд за човекови права претходно ѝ наложил на Србија да спречи идна употреба на звучни уреди за контрола на толпа, како и да не дозволи кривичен прогон на лица што учествуваат во јавната дебата за ова прашање.
„Според европските стандарди за човекови права, властите мора да ги заштитат учесниците на собири од повреди или насилство“, рече Мерсие.
За време на масовниот антивладин протест на 15 март, илјадници луѓе се разбегаа поради необичен звук и удар. Активисти, независни истражувачи и опозицијата тврдат дека полицијата употребила звучно оружје, додека властите тоа го негираат. Случајот и натаму е во прелиминарна фаза на истрага.

