| |

Бугарија со амбиција да стане регионален центар за енергетика, технологии и инвестиции

Бугарија има амбиција да се утврди како регионален центар за енергетика, технологии и инвестиции, а стратегиското партнерство со САД е клучно за таа цел. Ова беше порачано на отворањето на третото издание на Регионалниот економски самит на Американските стопански комори во Софија, јави БГНЕС.

Министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова истакна дека Бугарија ги поврзува историското наследство и модерната визија за одржлив економски развој. „Регионалната соработка функционира, а бизнисот е еден од најдобрите инструменти за нејзино градење“, рече таа.

Според неа, Бугарија и САД развиваат стратегиско партнерство во одбраната, енергетиката, поврзаноста, образованието и културата. Таа нагласи дека земјата има стратешка географска положба како мост меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија.

Министерката за енергетика Ива Петрова порача дека енергетската безбедност е основа за економски развој. „Меѓусистемската поврзаност, диверзифицираните испораки и модерната инфраструктура не се само енергетски проекти, туку инвестиции во економската стабилност и конкурентноста на целиот регион“, рече Петрова.

Заменик-министерот за економија Красимир Јакимов изјави дека по пристапувањето кон Шенген, воведувањето на еврото и формирањето редовна влада, Бугарија испраќа силен сигнал до меѓународните инвеститори. „Бугарија не е периферија. Бугарија е стратешка инвестициска дестинација“, нагласи тој.

Заменик-министерката за иновации Мира Јосифова оцени дека главна пречка за иновациите веќе не се идеите или капиталот, туку недоволната флексибилност на државата. „Државата не треба да ги создава иновациите. Нејзина задача е да ја изгради средината во која тие се случуваат“, рече Јосифова.



Слични Објави